Кампањата на ДУИ и наративот што го употребува во предизборните денови се опасни по повеќе точки. Не само поради потсмевањето и минирањето на демократијата и процедурите. Најмногу поради загрозувањето на меѓуетничката толеранција и соживотот. ДУИ во кампањата се однесува без чувство на здрав и „добар разум“, а не како да била власт повеќе од 18 години. Лицемерно е да се користи длабоко националистичка реторика во услови кога државата е во криза поради пандемијата, но и поради фактот што со (не)функционалната техничка пржинска влада, која исто така е потпишана и аминувана и од нивната партија, и тие се дел од проблемот и никако не се дел од решението. Веројатно ДУИ нема ниту една идеја за државата, а ниту одржлив концепт што може да му го понуди на електоратот зошто треба да гласа за нив на следните избори. Навистина, вака ли ДУИ мисли да привлече граѓански гласови?
ДУИ прво да скокне, па да рече оп
Кои се мотивите на партијата ДУИ, во екот на изборната кампања, да прогласи изборна победа и да одржи „конститутивна“ владина седница, на која нејзиниот кандидат во својство на премиер ја симулира првата владина седница?! Граѓански реакции и јавувања во редакцијата имаше безброј по т.н. „конститутивна владина седница на ДУИ“, на која веќе „се инаугурира“ идниот премиер и на која официјално се промовираа политичките претставки за мултиетничка химна, задолжително учење албански јазик, национално раководство во стратегиски институции на државата…
Експертите со кои се консултиравме овој чин на ДУИ го карактеризираат како чин на политички очајник, кој во недостиг од идеи и капацитет да реализира економски, финансиски, стопански, инфраструктурни, еколошки и други проекти, решил да игра на националната карта, бидејќи така не треба да се поседуваат креативни реални политики и затоа што опаѓа поддршката на гласачите за ваквите националистички дејствувања.
Публицистот Ким Мехмети овој чин на ДУИ го дефинира како последен политички потег на партијата, со кој се најавува пораз на актуелните избори.
– Со овие потези на јавноста ѝ се покажува дека ДУИ знае дека ќе ги изгуби изборите. Тој што знае дека е губитник во земјава, настапува со националистичка реторика, бидејќи нема друга алтернатива во дејствувањето и поставува ирационални барања за овие избори. Оваа реторика на ДУИ е залудно да се анализира, бидејќи националната карта ја употребува секогаш кога таа почнува да ги губи своите позиции. Имено, оваа партија да сакаше навистина да има Албанец за премиер во државата, ќе го стореше тоа во минатото, на пример кога во парламентот беа во коалиција со Никола Груевски и кога имаа 22 пратеници. Верувам дека на сите веќе им е јасно дека ДУИ не ги брани националните интереси, туку таа ги брани првенствено своите теснопартиски и лични бизнис-интереси – вели Мехмети.
Политичкиот аналитичар Ристо Никовски, пак, актуелните случувања ги коментира со фактот дека во нашата јавност, иницијативата на ДУИ за премиер Албанец се третира како да е сега тоа гром од ведро небо, а не дека е долгорочна стратегија потврдена низ историјата на Македонија.
– Во прашање е долгорочна стратегија, која филигрански ја спроведуваат од оваа партија, почнувајќи од конфликтот во 2001 година. Сето тоа почна со Охридскиот договор, а целта е федерализација на Македонија. Дали ќе биде Насер Зибери сега премиер или не, воопшто не е важно за ДУИ, ама тоа значи дека таков наскоро мора да има. По Охрид, исчекор беше т.н. мајски договор да коалицираат победници од двата блока (што се прави само во федерации), потоа дојде инсистирањето за консензуален претседател, кое веќе е постигнато на некој начин со Стево Пендаровски, па следуваше изборот на Талат Џафери за спикер на парламентот, па ќе следува премиер, дводомно собрание, поделен буџет… Ако се сумира сѐ заедно, сето тоа значи федерација – вели Никовски.
Тој додава дека во оваа група на политики и дејствувања не го спомнал законот за албанскиот јазик, со кој Македонија е веќе јазична федерација, со што по овој чин практично се постигнало формалното политичко прогласување на трета албанска држава, бидејќи остатокот е само чиста техника и формалност.
– Во принцип, не е никаков проблем и претседателот и спикерот на парламентот и премиерот да бидат Албанци, ама тоа да се случи како чин на способни луѓе што ќе заслужат политички да ја водат државата во интерес на сите граѓани, а не тоа да се издејствува единствено поради фактот на нивната етничка припадност – вели Никовски.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Александар Пандов, кој вели дека оваа политика што ја промовира ДУИ е поразителна за една партија што е активна во македонската политика 19 години, од кои цели 16 години е во власта на земјата.
Според Пандов, претставување кандидат за премиер по основа на национална припадност е поразителен пристап во ера на современи политички констелации и игнорирање на системот на востановени демократски правни системи и процедури, втемелени на универзални правила, вредности и традиција.
– Со играњето на оваа карта, ДУИ покажа дека ако во минатото националната припадност била сосема доволна за некој да биде вработен во јавната администрација, сега националната припадност се турка да се претстави како адут дека некој единствено врз таа основа може да стане висок државен функционер – вели Пандов.
Тој подвлекува дека ова дејствување на партијата е поразително и покажува дека таа нема никаков осет за спроведување реални политики од областа на образованието, здравството или економијата.
Според мислењето на повеќе професори и аналитичари, додека беше на власт ДУИ, освен што „вработи свои партиски војници, а во јавноста беше нарекувана тендер-партија, не направи ништо што конкретно го смени и го подобри во животот на граѓаните“. Оние што ја следат работата на ДУИ, легитимно го поставуваат прашањето „колку подобро се живее во општините со кои раководи ДУИ, што нивните министри направиле, а што ни останало како сеќавање како придонес за доброто на сите граѓани во државава“?! Ретко кој би се сетил на нешто.
Коинциденцијата на „кражбите на ’Македонска пошта’ пред избори, неброениот број јавни административци што земаат плата а седат дома и етничкиот клуч што го нудат како неуспешно решение во секоја пора во општеството“ се белезите на нивното менаџирање со локалната и централната власт. И повторно идентичен етнички клуч како предлог?
Прашањето што повторно се наметнува е всушност што понуди ДУИ досега во оваа кампања? Зголемен национализам, турбофолкерски пораки кон гласачите, кои потсетуваат на некои изминати времиња и назадни идеи за едно општество?! Едно општество се базира на правда и еднаквост за сите. Почнувајќи од еднаков тетман за „уредно плаќање даноци и давачки кон државата, па до нелегалните зафати и комбинаторики, чиј врв на ледената санта се платформите на Матка“. Едно одржливо мултиетничко општество не се постигнува со игнорирање на фактите и гледање низ розови „етнички очила“. Оти тоа не е мир, туку тивок период во кој се таложат фрустрации од сите други граѓани што не учествуваат во спроведувањето на „политичката правда“ на ДУИ и немаат корист од безредието во државата.
Евтините пропагандни трикови на ДУИ само ги покажуваат празнотијата во нејзините редови и очајноста во понудата. Но кога некој е очаен и сака да се спаси и да остане на власт, тогаш и чекорите што ги презема се очајни и опасни, колку и да ни личат наивно и популистички рекламите на Али и изјавите на Насер Зибери за воспоставување паралелни системи во целата држава. Кој ќе го плати тоа? Оние административци што седат дома на грб на другите граѓани?
Која порака сака да ја испрати ДУИ по речиси две децении седење во владините кабинети и владеење? Дека не се способни да ја донесат промената или дека ако не им се остварат желбите, ќе ја дестабилизираат државата?
Ништо од оваа националистичка игра на ДУИ не е наивно. И не треба да се земе како дел од кампањата. Оти изборите ќе поминат и ќе треба да се коалицира. Која голема, условно кажано, македонска партија ќе има образ по сите желби и закани на ДУИ да коалицира со нив? И кој ќе им ги оствари желбите? Секако, ДУИ нема да добие премиер, оти премиер не се добива со желба, туку со најголем број гласови. Но што друго ќе добие ДУИ? И дали тоа навистина ќе донесе подобар живот за албанските граѓани во Македонија или само ќе го збогати уште еднаш контото на ДУИ?