Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според политичките аналитичари, на некој начин на локалните избори секогаш имаат улога и политичките процеси што се спроведуваат на централно ниво, односно националниот наратив по клучните прашања за граѓаните и државата

АНАЛИЗА КАКО СЕ МЕНУВАЛО ГРАЃАНСКОТО РАСПОЛОЖЕНИЕ НИЗ ИЗБОРНИТЕ ЦИКЛУСИ

Седмите локални избори во независна Македонија, кои се одржаа во два круга (на 17 и 31 октомври), според бројот на освоени градоначалнички места, завршија со победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со освоени градоначалнички места во 40 општини. Според податоците од избирачките одбори, ВМРО-ДПМНЕ е победник во вториот изборен круг на локалните избори, при што се избори за 18 градоначалнички места. Опозициската партија вкупно ќе има градоначалници во 42 општини, вклучувајќи го и Град Скопје, каде што победи независната кандидатка Данела Арсовска, која ја поддржа опозицијата. Арсовска освои 115 илјади гласа, наспроти Шилегов, кој има нешто над 86 илјади од речиси 97 проценти обработени податоци.
СДСМ освои девет градоначалнички места во вториот круг, а вкупно ќе има 16 градоначалници. ДУИ ќе раководи со 10 општини. Во вториот изборен круг ДУИ го загуби Тетово, а извојува победа во: Боговиње, Теарце, Кичево, Струга, Долнени, Арачиново и скопската општина Чаир. Лидерот на Беса, Биљал Касами, стана градоначалник на Тетово, а оваа партија ја освои градоначалничката позиција и во Желино.
Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, од Алијанса за Албанците и Алтернатива доби нов четиригодишен мандат, а оваа коалиција победи и во Врапчиште. Гром, ДПА и ЛДП/ДОМ освоија по една општина, додека три општини ќе бидат под раководство на независни кандидати.
До затворањето на денешното издание на „Нова Македонија“, Државната изборна комисија сѐ уште ги немаше објавено официјалните конечни резултати од локалните избори, но според бројките на освоени гласови од првиот круг, може да се направи споредбена анализа за расположението на гласачкото тело, односно приливот или одливот на гласови кај партиите и причините за тоа.

Споредено со претходните изборни циклуси, каде што се натпреваруваа партиите, освен промена на трендот на поддршката на гласачите, кај двете најголеми македонски партии, воопшто е забележлив пад на бројките во однос на поддршката.
Одзивот во вториот круг на локалните избори беше 48 отсто, односно гласале околу 640.000 граѓани.
Гледано низ бројки од резултатите од првиот круг на неодамна завршените локални избори, поддршка на ВМРО-ДПМНЕ му дале околу 290.000 гласачи, додека на СДСМ околу 228.000. Споредено со резултатите од минатогодишните, предвремени парламентарни избори, бројките на поддршка на двете партии се сепак помали годинава: ВМРО-ДПМНЕ тогаш освоил 315.344 гласа, додека СДСМ 327.329 гласа. Во првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ имал околу 25.000 гласа помалку од лани, додека кај СДСМ негативата изнесува речиси 100.000 гласа. Разликите се уште подрастични во споредба со локалните избори од 2017 г., кога СДСМ освоил 420.000 гласа, а ВМРО-ДПМНЕ 335.769 гласа.
Според политичките аналитичари, на некој начин на локалните избори секогаш имаат улога и политичките процеси што се спроведуваат на централно ниво, односно националниот наратив.

– Наративот за националните прашања влијаеше и на локалните избори во 2017 г., а и сега на овие избори во 2021 г. Во 2017 година, на некој начин локалните избори ја легитимираа тогашната власт, која всушност на парламентарните избори во 2016 г. доби помалку гласови. Енергијата што доминираше во националниот политичкиот амбиент, за уривање на т.н. режим се ефектуираше на локалните избори во 2017 г., како и сега – реакциите на јавноста на т.н. „ол-ин политика“ на премиерот во оставка, Зоран Заев, беа пресудни за резултатите од сегашните избори. Општо гледано, националните теми, доминантно влијаат на одлуката на сите видови избори во Македонија – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Согласувајќи се со гледиштето дека националниот наратив влијае на расположението на гласачите на сите избори во земјава, директорот на ИПИС, Владимир Божиновски, кој ги следи трендовите на гласање на изборите, додава дека често и партиите, кога ја имаат власта на сите нивоа се водат од уверувањето дека евентуалните пропусти на локално ниво ќе ги покријат со добро водење на политиката на централно ниво.
– Власта што смета дека добро ја води политиката на централно, национално ниво, се вовлекува во стапицата дека довербата што ја освоила на парламентарно ниво, може да ја трансферира и на локално ниво. Актуелната влада предводена од СДСМ, всушност, на локалните избори од 2017 година го легитимираше своето владеење, со доминантно освојување градоначалнички места.

Но тоа се покажа како причина за олабавување на тогаш избраната локална власт, која целосно потфрли. А и водењето на националната политика на централно ниво, предизвикува контроверзни реакции во јавноста. Општ е впечатокот дека она што беше ветено во 2016 г., или не беше исполнето или беше направено нешто сосема обратно. Судството е во иста или полоша состојба, коруптивните афери се одржуваат во континуитет, почетокот на тонењето на економијата, а и спорот со Бугарија… се состојбите што во голема мера придонесоа за сегашните резултати на локалните избори. Таквиот тренд беше присутен и минатата година, но ковид-кризата придонесе за враќање на поддршката на институциите, а со тоа и на власта, па резултатите од предвремените парламентарни избори, беа речиси нерешено. Во суштина, работењето во спротивност од ветеното, како и во спротивност од националните интереси, секако води до пад на довербата на граѓаните, за секаков вид избори – вели аналитичарот Владимир Божиновски.


Вкупен број освоени гласови на партиите од неколку изборни циклуси

2017 – Локални избори
СДСМ – 420.522
ВМРО-ДПМНЕ – 335.769
ДУИ – 89.724
Алијанса за Албанците/Алтернатива – 49.125
БЕСА – 46.493
НЕЗАВИСНИ – 24.743

2020 – Предвремени парламентарни избори
СДСМ-БЕСА – 327.328
ВМРО-ДПМНЕ (коалиција) – 315.344
ДУИ – 104.587
АА/А – 81.297
ЛЕВИЦА – 37.501

2021 – Локални избори (прв круг)
ВМРО-ДПМНЕ – околу 290.000
СДСМ – 228.000
ДУИ – околу 103.000
БЕСА – околу 25.500
АА/А – околу 51.000


Џафери: Премиерот Заев не доставил оставка до парламентот

Премиерот Зоран Заев сè уште не ја доставил оставката до парламентот, информираат од Собранието, а на вчерашната координативна средба кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, воопшто не станало збор за чекорите што би следувале по изјавата на Заев дека поднесува оставка од премиерската функција.
Oттаму информираат дека, според членот 219 од Деловникот на Собранието, „Владата, претседателот на Владата или член на Владата може да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
На редовната координација на Џафери со претставници на политичките партии било договорено претседателот на Собранието да свика седница за верификација на мандатите на новите пратеници што треба да ги заменат досегашните парламентарци што беа избрани за градоначалници, откако ќе се добијат официјалните резултати од Државната изборна комисија.
Местата на избраните градоначалници во Собранието треба да ги заземат следните кандидати на листата на политичките партии. За градоначалници се избрани досегашните пратеници Костадин Костадинов од СДСМ, Дарко Костовски, Тимчо Муцински, Иван Јорданов и Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и Биљал Касами од Беса.


Претседателот Пендаровски ќе му го додели мандатот за влада на тој што има мнозинство во Собранието

Од Кабинетот на шефот на државата во врска со најновиот развој на настаните и оставката на премиерот Зоран Заев велат дека претседателот Пендаровски ќе постапи во согласност со практиката од изминатите 30 години.
– Претседателот на Република Северна Македонија, официјално не е информиран од претседателот на Собранието дека претседателот на Владата поднел оставка, што повлекува оставка на цела Влада. Кога ќе биде информиран за евентуално поднесена оставка, претседателот, во рамките на уставниот рок од десет дена, по извршени консултации, ќе им го додели мандатот за состав на влада на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието. Притоа, претседателот, како и досега, во своите постапки ќе се води во согласност со установеното толкување на уставната норма во практиката во изминатите три децении – велат од Кабинетот на Пендаровски.


ОБСЕ/ОДИХР: Оставката на Заев е личен чин

Вториот круг од локалните избори во Македонија мина во конкурентни услови, а основните слободи и права на гласачите биле главно почитувани од надлежните институции во земјата. Истовремено, биле регистрирани и одредени недостатоци во правната рамка во овој процес, што ја нагласува потребата за сеопфатна реформа. Ова беа вчерашните заклучоци на меѓународните набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР за спроведениот втор круг од локалните избори во земјата.
Тана де Зулуета, шефот на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, истакна дека во анализирањето на состојбите, за информирање е дека само шест кандидати за градоначалници од вкупниот број на оние што се тркаа за изборната трка биле жени, а тоа говори дека во истиот процес недостига соодветна родова еднаквост.
Според Зулуета, забележани биле притисоци и давање инструкции на гласачите а тоа ќе биде впишано во групниот извештај за двата изборни круга на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во Македонија.
Таа напомена дека во вториот круг на изборите била забележана негативна реторика во кампањата на партиите која истовремено била присутна и во првиот круг и која за жал не била искоренета.
Таа напомена дека помалите партии и независните кандидати истовремено имале поголема покриеност во медиумите од првиот круг, а сето тоа било во рамките на националните закони, но во иднина треба да има простор за подобрување на овие состојби и за фер пристап кон сите партии во изборниот процес.
На новинарско прашање како Зулуета ја коментира оставката на Заев, таа истакна дека тоа е личен политички чин, кој не е предмет на набљудување на меѓународната мисија.