Во Србија сѐ уште се води истрага за сообраќајната несреќа што се случи викендов кај Лесковац, а возачот на автобусот со струшки регистарски таблички и вчера беше во притвор
Идентификувана е и третата жртва во автобуската несреќа што минатиот викенд се случи кај Лесковац, во Србија. Тоа е 63-годишната В.К. од Кавадарци. Претходно беше утврден идентитетот на другите две жртви, 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К. и 68-годишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш.
Во Србија сѐ уште се води истрага за сообраќајната несреќа, а возачот на автобусот со струшки регистарски таблички и вчера беше во притвор.
Во несреќата се повредени 32 лица. Шестмина сериозно повредени лица по трагичната сообраќајна несреќа кај Лесковац се наоѓаат во Клиничкиот центар во Ниш, а осум полесно повредени се на лекување во болницата во Лесковац.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека полесно повредените патници што се хоспитализирани во Лесковац се подготвени да бидат пренесени на лекување во Македонија, а нивниот транспорт се договара со српските власти.
Кај двајца пациенти со тешки повреди на главата и на ’рбетниот столб здравствената состојба се следи и можни се нови хируршки интервенции. Сите други се во стабилна состојба и потребно е повеќедневно следење на состојбата, по што со помош на македонските здравствени служби, сите ќе бидат префрлени на лекување во Македонија.
Преостанатите дванаесетмина лесно повредени патници и двете деца што беа сместени во хотелот „Апостоловиќ“ во Лесковац прексиноќа организирано беа префрлени во Македонија.
Патниците што патуваа од повеќе градови во Македонија за Виена со превозникот „Еуробус“ од струшко Велешта беа претежно македонски печалбари, а во моментот на несреќата сите спиеле.
Според сведоштвото на преживеаните, до несреќата дошло поради лошите снежни услови, голомразицата и неприспособената брзина на возачот на автобусот од речиси 100 километри на час, како и поради можноста возачот да заспал.
Возачот на автобусот ја изгубил контролата, излетал од автопатот, по што се превртел повеќепати. Благодарение на навремената интервенција на осум итни медицински возила од Ниш и од Лесковац, на пожарникарите и на другите учесници во сообраќајот, кои ги извлекувале повредените од автобусот, спречено е да дојде до поголема трагедија.
Голема и несебична помош беше дадена и од градоначалниците на Лесковац и на Ниш, како и од медицинските установи од овие градови во спасување и згрижување на повредените.