Се надевам дека освен избори, во оваа 2019 година ќе видиме и суштински и добро обмислени европски реформи и капитални инвестиции кои реално ќе го подобрат животот на граѓаните. Тоа ќе биде вистински повод за триумфализам. Бидејќи тоа им е потребно на македонските граѓани.
Ова го порача претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, на приемот, што по повод новогодишните и божиќните празници вечерва во Скопје го приреди за претставниците на дипломатскиот кор.
-Моите ставови во однос на последните случувања во Република Македонија ги искажав и во годишното обраќање во Собранието, но и од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации. Не би променил ниту еден збор, бидејќи ја зборував вистината за она што им е најпотребно на граѓаните. Тоа ми дава сила да останам доследен на моите одлуки и ставови. Ќе го повторам следново. Правото на самоопределување и правото на постоење на македонскиот народ, но и принципите на демократијата и владеењето на правото не смеат да бидат доведени во прашање – рече претседателот Иванов.
Според него членството во Европската Унија и во НАТО го сплотува целото наше општество, бидејќи за македонските граѓани НАТО значи безбедност, а Европската Унија значи просперитет.
Навраќајќи се на изминатите 10 години од неговиот мандат, Иванов се заблагодари на сегашните и поранешните амбасадори кои помогнаа во продлабочувањето на билатералните односи на Република Македонија.
-Во изминативе десет години како претседател на Република Македонија имав можност да се среќавам и да соработувам со околу 170 резидентни и нерезидентни амбасадори од околу 100 држави и меѓународни организации. Иако не бев во можност со сите да имам чести средби, сепак, ја користев секоја прилика за да размениме мислења за важни прашања. Еден од таквите настани е и традиционалниот новогодишен прием – рече претседателот Иванов.
Претседателот Иванов за 7 мај ја најави посетата на неговата светост, папата Франциск.
-Во фокусот на неговата официјална посета на Република Македонија ќе биде Мајка Тереза како израз на вистинскиот, автентичен соживот, што не е сосила наметнат, туку органски извира од македонското мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Почитувањето на различноста е израз на доверба, а клучот за довербата е одговорноста, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност рече претседателот Иванов.
На приемот се обрати шведскиот амбасадор Матс Стафансон кој истакна дека додека Иванов бил претседател во рокот од двата мандати земјата се соочила со многу тешкотии, меѓу кои аферата со прислушувањето, демонстрациите, тешкотиите околу формирањето на Владата, случувањата во Куманово… Тој истакна дека во последната година земјата била под дипломатска опсада додека траеле преговорите за името, нагласувајќи оти му било јасно дека сите тие се чувствителни и емотивни теми.
Нагласи дека од почетокот на мандатот Иванов јасно истакнувал дека Македонија припаѓа во ЕУ и НАТО, што беше случај и со неговото последно обраќање во Собранието.
Потенцираше дека ако се спроведе Договорот во целост дека едниот од нашите сонови, влез на земјата во НАТО ќе биде реализиран, како членството во иднина ќе се забрза бидејќи веќе се почнати преговорите.
Тој му се заблагодари и на неговото семјество за гостопримлиството што му го укажале во текот на неговиот мандат, изразувајќи надеж дека 2019 година ќе биде помирна и поуспешна од 2018 за нашата, како што рече, прекрасна земја.
Традиционалниот прием на дипломатскиот кор изминатите години беше приреден во Скопје, Струга, Гевгелија, Битола, Крушево и во Берово, а беа посетени и Дојран и Вевчани.
Според Иванов тоа беше одлична можност, особено за нерезидентните дипломати, подобро да ја запознаат Република Македонија, нејзините трајни вредности, богати традиции и туристички потенцијали.
– Од оваа дипломатска турнеја се родија и нови иницијативи за соработка на локално ниво, за збратимувања на градови и размена на искуства, на мое големо задоволство – рече претседателот Иванов.