Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас се соочи со нови критики поради Преспанскиот договор, откако францускиот претседател Емануел Макрон им нанесе удар на надежите на Македонија за почнување пристапни преговори со Европската Унија, пишува грчки „Нешнл хералд“.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис порача дека нема да дозволи Македонија да почне пристапни преговори со ЕУ доколку македонските компании не престанат да ги брендираат производите како „македонски“, но отстапи од најавите кога Макрон изненадувачки ја постави „блокадата“.
Ваквиот развој на настаните доведе до остри критики од политичките коментатори и од противниците на СИРИЗА.
– Тие ни кажаа дека, ако Скопје биде приклучено кон евроатлантскиот блок, безбедноста на регионот ќе биде осигурена, додека во спротивно, ќе потпадне под руско влијание. Ни кажаа дека ако Грција ги реши овие проблеми, Скопје ќе биде наградено со членство во НАТО и во ЕУ. А видете што се случува сега. Француското вето и нанесе голема штета на СИРИЗА, која наспроти сите, инсистираше на договорот и жестоко го бранеше. Ова е лош период за партијата на Ципрас – напиша познатата коментаторка на политичките случувања Аријана Ферентину, во колумна за турскиот весник „Хуриет“.