Проблемот што се обидуваме да го решиме не е оној што може да се реши лесно. Цел ни е да придонесеме кон намалување на бројот на заразени со ковид-19.
Нашиот фокус е да му обезбедиме на Собранието платформа, време и знаење за да создаде информиран и конструктивен извештај со препораки за тоа што можат
да сторат граѓаните за да не растат повторно бројките со новозаразени, велат во ЗИП-институтот

ЗИП-ИНСТИТУТОТ ОРГАНИЗИРА ГРАЃАНСКО СОБРАНИЕ

Во оваа тешка ситуација наметната од ковид-19, мал број земји и влади успеаја успешно да го вклучат народот во одлучување за тоа како најдобро да се справат со оваа глобална здравствена криза и истовремено да се справат со ниската доверба што граѓаните ја имаат во нив и погрешните информации што кружат. Токму тука ќе помогне граѓанското собрание, велат во невладината организација ЗИП-институт, од каде што потенцираат дека ова е еден сложен проблем, чиј одговор мора да ги има поддршката и придонесот од граѓаните.
– Проблемот што се обидуваме да го решиме не е еден што може да се реши лесно. Цел ни е да придонесеме кон намалување на бројот на заразени со ковид-19. Нашиот фокус е да му обезбедиме на Собранието платформа, време и знаење за да создаде информиран и конструктивен извештај со препораки за тоа што можат да сторат граѓаните за да не растат повторно бројките со новозаразени. Учесниците во Собранието имаат задача со огромна одговорност, да ги претставуваат нивните сограѓани и да дејствуваат во нивен интерес. Оваа разновидна група секојдневни граѓани е во центарот на проектот и има уникатна шанса да има поголемо влијание врз политиката, бидејќи извештајот ќе биде разгледан од носителите на одлуки и темелно ќе се разгледа кога ќе се даваат нови предлози за препораки и мерки за спречување на ковид-19 – вели проектната координаторка Јована Ѓекановиќ.
Со помош и насоки од „Њу демокраси“, истражувачка организација од Австралија, тимот на ЗИП-институтот го имплементира проектот под водство на Ѓекановиќ и на Агим Селами, директорот на ЗИП-институтот. Прашањето за граѓаните е: „Бројот на заразени со ковид-19 се намалува. Што можеме да направиме за да не растат повторно овие бројки?“

– Фрлањето широка мрежа учесници ги подразбира следниве пет променливи на стратификација на возраст, пол, етничка припадност, образовно достигнување, економска активност и дали тие би ја примиле вакцината. Податоците од последниот попис во 2002 година го обезбедија опсегот на Собранието, што значи дека учесниците беа избрани од различни возрасти, етничка припадност и образование. За вакцина се изјасниле 34,7 отсто, против 54,9 отсто и неодлучни се 10,4 отсто – информира Ѓекановиќ.
Учесниците имале време самите да прават свои истражувања и да читаат и да се информираат повеќе на темата ковид-19. Тие имале и можност самите да предложат експерт што ќе биде повикан да одржи презентација за време на состанокот. Свои обраќања имале д-р Сеад Зејнел, кој е специјалист-интернист и директор на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по медицина на труд и претседател на Македонското здружение за медицина на трудот, како и од д-р Александра Грозданова, која е професорка при Институтот за фармацевтска хемија, и д-р Бојан Бошковски, специјалист-невролог и национален координатор за СЗО.

Крајниот резултат на работата на Собранието е завршниот извештај со препораки. Извештајот ќе биде презентиран пред министерот за здравство Венко Филипче или пред негови соработници. Граѓанските препораки ќе бидат земени предвид при носењето мерки за заштита на населението од ковид-19.
ЗИП-институтот е невладина организација што има цел да ги подобри демократските процеси, владеењето на правото и развојот на граѓанското општество преку приспособени решенија за најитните социјални, општествени и систематски проблеми.