Фото: Игор Бансколиев

Неуспешните екстрадиции како повод

Каде се закочуваат екстрадициите? Дали билатералните односи и политики на нашата земја со одредените држави влијаат на процесот за испорачување на бараните лица, иако тоа е регулирано и со меѓународни договори и со внатрешните права на државите?
Ваквите дилеми повторно се актуализираа во домашната јавност откога бугарските медиуми информираа дека е уапсен поранешниот полициски специјалец Игор Спасов, баран кај нас со меѓународна потерница. Тој беше правосилно осуден на 14 години затвор во познатиот случај за убиството на Мартин Нешковски. Спасов речиси година и половина беше во бегство. Но сега тој е во екстрадициски притвор во Софија, а за да биде донесен во Македонија ќе треба Министерството за правда да подготви соодветна документација и официјално да ја побара неговата екстрадиција, но истовремено и Бугарија да дозволи реализацијата на кривичноправниот инструмент – екстрадиција.

Многу процеси ја кочат екстрадицијата

Додека надлежните го подготвуваат барањето за негова екстрадиција, а јавноста лицитира дали Бугарија ќе ни го испорача (имајќи на ум дека соседните држави тешко соработуваат со Македонија по оваа основа), за забележување во истиов контекст е неодамнешната изјава на министерот за правда Бојан Маричиќ. Имено, тој пред два месеца информира дека Македонија има пречки и во процесот со екстрадиција од Грција на поранешните вработени во УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски. Според министерот, во повеќе наврати македонските власти се обратиле до грчките колеги да добијат одговор за екстрадицијата, но оттаму добивале одговор дека не можат сè уште да ги лоцираат. Грчкиот случај не е единствениот.

Други примери за неуспешни екстрадиции

Меѓу попознатите неуспешни обиди за екстрадиција е оној поврзан со поранешниот премиер Никола Груевски. Тој во моментов живее во политички азил во Будимпешта, откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО. Македонските власти бараа негова екстрадиција за издржување двегодишна затворска казна поради незаконска набавка на блиндираниот мерцедес, како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Судот во Будимпешта го одби барањето, затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети, бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.
Сличен е примерот и со Дејан Давитковски, кој е обвинет за тероризам и уривање на уставниот поредок за настаните од 27 април, кој, пак, побегна во Шведска. По неговото приведување, поради меѓународна потерница на аеродромот „Скаваста“, тамошниот Врховен суд го одби барањето за екстрадиција, затоа што, според шведските закони, не може да се екстрадира поради политичко дејствување. Давитковски пред шведските власти тврди дека е политички гонет.

Во контекст на настаните за забележување се и двата примера од Косово. Имено, косовските власти одбија да ги екстрадираат обвинетите во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исламиловиќ. Станува збор за прво и второобвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, кое се случи на 12 април 2012 година. За нив Министерството за правда трипати досега испратило барања за екстрадиција со ветување дека ќе добијат фер судење, нешто за кое косовските власти велат дека се сомневаат оти ќе им биде пресудено врз национална основа. Од Косово сѐ уште се чека и на екстрадиција на обвинет од криминалната терористичка група што на 9 мај во кумановското Диво Насеље уби осум полицајци. Слично како и овие случаи, во 2014 година и Германија одби да го екстрадира второобвинетиот во предметот „Фаланга“, Давид Шекуларац, затоа што во барањето за екстрадиција немало наведено доволно основи.
Едно од постарите и попознати барања за екстрадиција исто така од соседна земја е она за поранешниот прв цариник Драган Даравелски, кој во 2007 година беше осуден во отсуство на седум години затвор. По неговото бегство од земјава и по потерницата од Интерпол, беше уапсен во 2016 година во Србија, но тој никогаш не ѝ беше испорачан на Македонија.

Повеќеслојни пречки за реализација на кривичноправниот инструмент екстрадиција

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека екстрадицијата не може секогаш да се спроведе, бидејќи врз неа влијаат комбинирани фактори, од кои некои се од политичка природа, а некои од правна природа.
Според него, ако една држава сака да ја постигне својата цел во оваа проблематика, таа треба да е упорна, издржлива и настојчива.
– Успехот во овие процеси лежи во долготрајната упорност на оние во министерствата што се надлежни за проблематиката, во инсистирањето, во професионалноста на подготвувањето на неопходните документи и во строгото почитување на роковите и правната комплексност на секој случај посебно – резимира Илиев.
Професорот по казнено право Стефан Буџаковски во изјава на оваа тема вели дека проблемот во одбивањето на екстрадициите е од повеќеслојна природа, зависи од земјата што бара екстрадиција, но и од земјата што треба да го испорача осудениот или обвинетиот.
Буџаковски додава дека дел од проблемот е во начинот на кој се пишуваат барањата за екстрадиција, односно доказите што се наведуваат во барањата и кои оставаат простор за сомнеж дека станува збор за политички прогон.


Како е законски регулирано испорачувањето на бегалците?

Во правна и законска рамка, Македонија процесот на екстрадицијата го регулирала во членот 31 од поглавјето за постапка за екстрадиција на обвинети и осудени лица кодифицирано во Законот за меѓународна соработка, во кривичната материја. Дополнително, оваа процедура е втемелена и во дел од билатералните меѓудржавни договори што нашата земја ги потпишала со државите од меѓународната заедница со кои сме воспоставиле дипломатски релации.
Имено, Македонија досега има склучено билатерални договори за екстрадиција со Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Косово, Србија, Црна Гора, Италија и со САД. Последниот ваков договор беше постигнат со Италија во јули предминатата година. Според тоа, договорот за екстрадиција со САД е наследен од Конвенцијата за екстрадиција помеѓу Кралството на Србија и Соединетите Американски Држави од 12/25 октомври 1901 година.

[email protected]