Навидум различните Македонија и Сирија, кои се соочуваат со сосема различни предизвици во своето постоење, различен културолошки, политички, социјален и историски аспект на идентификација, се подложени на нова матрица за решавање проблеми, каде што носечка формула очигледно е – менување на името на државата
Веројатно секому неговата судбина му изгледа единствена и неповторлива, како кај луѓето, така и кај народите. Сепак, и навидум сличната судбина не ја релативизира тежината на причината што го отворила „судбинското прашање“.
Промената на името на Република Македонија, која деновиве се конкретизира и на внатрешноинституционален план, со одлуката на Владата за имплементирање на додавката „северна“ во имињата на националните институции (МАНУ, МРТВ, МНТ, Македонска филхармонија…), предизвикува своевидни фрустрирачки поделби во општеството, кои најмногу се манифестираат на социјалните мрежи.
Но меѓународните поддржувачи на Преспанскиот договор, со кој е прифатена промената на името на државата со додавање географска одредница, настојчиво укажуваат дека оваа „жртва“ на Македонија е влог за развојот и иднината, не само на земјава туку за целиот регион наречен Западен Балкан, па и пошироко. Македонската приказна со менувањето на уставното име забележливо се издвојува според причините и процедурата на спроведување на постапката, ставена во контекст на некои поранешни случаи на менување на имињата на државите. Поранешните примери на менување на имињата на државите главно биле мотивирани од желбата за враќање на автентичните имиња на земјите од нивното претколонијално минато, или прецизирање на името со т.н. номинативна форма (на пример Чешка Република – само со името Чешка, Француска Република – со Франција).
Но се чини дека меѓународната заедница сака случајот со менувањето на името на Република Македонија со географска одредница да го наметне како пример за решавање меѓународни спорови, кои имплицитно содржат потенцијал за безбедносна криза. Уште не докрај спроведен Преспанскиот договор во Македонија, светските медиуми ја пласираат идејата за менување на уставното име на Сирија, како некакво можно решение за надминување на една од причините за долгогодишната воено-политичка криза во таа земја.
Имено, Курдите од Сирија ѝ предлагаат на сириската уставна комисија да ја разгледа нивната идеја за промена на официјалното име на државата, Сириска Арапска Република, во име што нема да содржи никакво национално или религиозно обележје. Тоа веќе го предложил курдскиот делегат на Ербил-форумот за безбедност и суверенитет на Блискиот Исток.
– Конкретно, официјалното име на земјата на Сириска Арапска Република треба да се менува во „Република Сирија“, без да се спомене која било специфична национална или верска припадност. Покрај тоа, новиот систем на Сирија треба да се заснова на демократски принципи и децентрализација, како што беше предложено од Сирискиот демократски совет – изјави курдскиот делегат на форумот.
Партијата Сириски курдски демократски сили и нејзиното политичко крило, Сирискиот демократски совет, со американска поддршка, како и на меѓународната коалиција, контролира огромни делови од територијата на Сирија, на исток од реката Еуфрат. Курдите прогласија Демократска федерација на северна Сирија во тој регион, но таа не е признаена ниту од Дамаск, ниту од светската заедница. Создавањето комисија што ќе биде задолжена за преработка на Уставот на Сирија беше договорена за време на Конгресот за сириски национален дијалог во рускиот туристички град Сочи во јануари 2018 година. Во телото се очекува да бидат вклучи претставници на сириската влада и опозицијата и граѓанското општество, но тоа сѐ уште не е целосно формирано.
Навидум далечните Македонија и Сирија, кои се соочуваат со сосема различни предизвици во своето постоење, различен културолошки, политички, социјален и историски аспект на идентификација, треба да бидат подложени на нова матрица за глобално решавање на регионалните проблеми, каде што носечка формула очигледно е – менување на името на државата. Некаде со додавање одредница, а некаде со одземање на одредницата.
Земји со променето име
Претседателот на Филипини, Родригез Дуарте, актуелно работи на идејата за промена на името на земјата. Неговиот предлог е земјата да се преименува во Махарлика, име што на локалниот јазик од претколонијалниот период означувало група воини. Прашањето за промена на името отвори многу дискусии на социјалните мрежи, а многу Филипинци се прашуваат дали земјата нема поголеми проблеми од менување на името.
Друг пример од релативно блиското минато е Иран. До 1935 година земјата е позната под името Персија. Во 1949 година, Тајланд се нарекувал Сијам, Намибија била именувана како германска Југозападна Африка (колонија на Германија), додека сегашен Мјанмар се нарекувал Бурма.
Во втората половина на 20 век и по добивањето независност, многу поранешни колонии ги промениле имињата. Цејлон бил преименуван во Шри Ланка, Родезија во Зимбабве, Британски Хондурас во Белизе… Во Казахстан многумина би сакале да ја преименуваат земјата во Казак Ели, што значи „земја на Казаците“.
Камбоџа неколкупати го менувала своето име. Меѓу 1953 и 1970 година, земјата била нарекувана Кралство Камбоџа, а од 1970 до 1975 Кмерска Република. За време на комунистичкото владеење од 1975 до 1979 година била нарекувана Демократска Кампучија. За време на транзициското управување под ОН, од 1989 до 1993 година, земјата се нарекуваше Државата Камбоџа. По реставрацијата на монархијата во 1993 година, повторно се нарекува Кралство Камбоџа.
На другата страна од планетата има обид Нов Зеланд да се нарекува Атероа и се заговара референдум за тоа прашање. Сепак, и денес на пасошите, официјалните документи и на банкнотите на оваа земја се запишани и Нов Зеланд и Атероа.
Налепници НМК врз регистарските таблици
Според договорот од Преспа, обврска на македонската страна беше да ја коригира кратенката МК на регистарските таблички во согласност со новото име, по што Владата реши во преодниот период да се користат налепниците, а од средината на мај да започне изработката на нови регистарски таблички со новата кратенка.
– Налепниците се бесплатни, а граѓаните не мора да одат никаде за да ги подигаат, туку на македонската страна од границата, при излез од државата, им се лепат на табличките – појаснија од МВР.