Импозантни градителски активности во манастирскиот комплекс во Рајчица, Дебарско
Полна и спокојна му е душата на човека кога очите му се насладуваат од природните убавини и од убавините што ги создал човекот, кога телото му трепери, а кожата му се ежи. Ова чувство ве обзема секогаш кога престојувате во манастирскиот комплекс „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица. Така беше и на почетокот на оваа седмица. Сонцето беше високо издигнато над Дебарско Езеро, над околните планини, пече ли пече, а зеленилото на високите зимзелени, дабови и букови дрвја, кои го опкружуваат манастирот, одвреме-навреме создава ветре што дувка и нѐ освежува.
Само што почнавме да се спуштаме по патеката кон манастирот, погледот ни се задржа на големо градилиште. Низ целиот простор од илјада и неколку стотина квадратни метри, мајсторите и нивните помошници работат на многу места: копаат канали, поставуваат дренажа и одводни цевки, се рамни и нивелира теренот, на стариот манастирски конак се ѕида фасада со делкан камен и тула во византиски стил, се работи на камбанаријата, се финализира изградбата на новиот манастирски конак, кој ќе се освети есенва, на 27 септември итн. Убавините што ги осмислила вдахновената визија на епископот г. Партениј, духовниот старец и на овој манастир, реализирани со вештите раце на мајсторите, ви го одземаат здивот. Каде и да се погледне „секаде е Божја хубавина“, како што напишал стружанецот Константин Миладинов, во неповторливата „Т’га за Југ“.
Некаде пред пет години, пред осветувањето на темелите на новиот манастирски конак на 27 септември 2016 година, на Вознесението на Чесниот Крст, игуменот на Бигорскиот манастир, епископ г. Партениј, на лист хартија ја нацрта својата визија, која му даде лик на денешниот нов манастирски конак со работилници во Рајчица, ни ги пренесува сеќавањата сестра Варвара. „Започнавме со целосно преобликување на веќе постојната куќа во непосредна близина на манастирот, простор што одамна е заштитен како културно историско наследство. Паралелно со тоа извршивме замена на фасадата на манастирскиот конак, преобликувајќи го во византиски стил, кој е, всушност, нашата традиционална црковна архитектура; камбанаријата ја надградивме за уште еден кат и ја украсивме со прекрасни камени лакови и прозорци на кои ќе бидат поставени новите камбани, а поставивме и уникатен крст, единствен по вид и облик кај нас. Крстот се состои од котва и кормило. Симболиката е јасна: котвата ја означува надежта на христијаните, а кормилото ни ги покажува правецот на крстовоскресниот живот, на распетието, а потем – и на воскресението“.
Според зборовите на сестра Варвара, најприоритетен е зафатот за заштита на манастирската црква „Св. Георгиј Победоносец“, поради појавата на влага, којашто почнала да го оштетува фрескоживописот. „Стручна екипа на Заводот за заштита на споменици на Македонија изврши увид на црквата и не само што го констатира проблемот туку е во процес на изработка на проект за санација. Притоа, нè известија дека не се во можност планот финансиски да го поддржат, а искажаа подготвеност соработката да ја продолжат со стручна помош и надзор“.
Црквата „Свети Георгиј Победоносец“ е метох на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, монасите ја изградиле во 1835 година, кога игумен бил архимандрит Арсениј. Храмот бил зографисан во периодот од 1835 до 1848 година од зографот Даниил, монах на Бигорскиот манастир, заедно со татко му Михаил, а долните зони ги насликал Дичо Зограф, од мијачкото село Тресонче. Великодостојници на МПЦ-ОА и историчари на уметноста многупати констатирале и потврдиле дека фрескоживописот на црквата се вбројува меѓу најубавите културно-историски споменици на пошироките балкански простори.
Поставувањето скеле и монтажен покрив за санацијата на покривот на манастирската црква и комплетната изолација на ѕидовите на темелот, како и канализирањето на подземните води, се планира да завршат пред почетокот на зимата.
Новиот манастирски конак е импозантен со надворешната архитектура и фасада градена во византиски стил. Ваков објект на сестринството им е повеќе од потребен. На првиот кат се работилници за кроење, шиење, везење, зографисување, за изработка на митри и плаштаници, на божиќни пештери, производство на манастирски ликер и други помошни простории. На најгорниот кат се собите за сместување гости и традиционално уредената одаја на игуменот епископ г. Партениј, со работен дел за прием на гости. Непосредно до конакот се градат фурна и затворен чардак, исто така, во византиски стил.
Сестра Варвара нè информира за замислите на игуменот, епископ г. Партениј, кои треба да се реализираат во наредните години за докомплетирање на манастирскиот комплекс. Наскоро треба да започне изградба на нова црква посветена на Свети Георгиј, која ќе биде со импозантна големина, бидејќи постојната е мала и претесна да ги прими верниците што доаѓаат на богослужбите и манастирските слави. На источната страна ќе биде изградена голема манастирска капија, која е предвидена да биде главниот влез за манастирот, а во продолжение се планира да се изградат и нови манастирски конаци во кои ќе најде свое место „Музејот на Мијачијата“, каде што ќе бидат заштитени и изложени за посета вредни икони и црковни предмети од богатото духовно и културно наследство на мијачкиот крај. Ова ќе биде најсоодветното место за ваков музеј, бидејќи сестринството е постојано тука, како чувар на светињата. Имаме големо црковно богатство во црквите во Мијачијата, каде што во последниве години, поради несоодветна заштитеност, беа извршени многу кражби на икони од иконостасите. Музејот е еден ефикасен и благороден чин, за тоа што останало да го заштитиме и да не дозволиме да се уништува и да се краде.
На разделбата, сестра Варвара ни го искажа својот восхит што и тие како сестринство се директни учесници во изградбата на манастирот и ја сподели радоста поради таквата привилегија и благослов самите да се вградат во него.
Преисполнети со духовен мир го напуштивме Рајчичкиот манастир, притоа на епископот г. Партениј, творецот и визионер на овие убавини, на браќата од Бигорскиот манастир и сестринството, на градителите и на сите учесници, дарители, ктитори, помагачи на светињата, им посакавме успешно да ги завршат планираните зафати, па со божја помош да дојдеме на осветувањата и заедно да ја споделиме радоста.