Северна Македонија го слави „мрачниот“ диктатор Тито, обвинува бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за германскиот весник „Велт“, објавено денеска, пренесува „Дојче веле“. Таа вели и дека Македонија ја политизира работата на мешовитата историска комисија, ги блокира развојот на Коридорот 8 и бугарските инвестиции во земјата, како и оти лаже дека Бугарија и го негира идентитетот и јазикот.
Захариева посочува и дека не и е јасно како во Северна Македонија можела да се слави 40-годишнината од смртта на „мрачниот“ диктатор Тито, па оттука и „Велт“ го објавува интервјуто со наслов „Како во Берлин да се слави денот на смртта на Хитлер“.
– Кон мене беа прилично брутални кога се осмелив да го искажам своето неразбирање затоа што ја славеа четириесетгодишнината од смртта на еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил речиси 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. А тие таму го слават него. Градоначалникот на Скопје е партиски другар на Заев. Потоа веќе таму не бев толку популарна. Ама тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер – заклучува Захариева во интервјуто за „Велт“.
Захариева дава и серија причини и за бугарската блокада за Македонија, почнувајќи од имплементацијата на Договорот за добрососедство.