Комисијата за национална одбрана и надворешни работи на грчкиот Парламент, денеска ја започна седницата на која се разгледува нацрт-законот за „Ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија“, јави дописничката на МИА од Атина.
Известувачи за нацрт-законот се пратеникот од СИРИЗА и поранешен министер за цивилна заштита, Никос Тоскас и пратеникот од Нова демократија, одговорен за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос, кои ќе имаат 15 минути време за нивно обраќање, додека останатите членови на комисијата, по седум минути.
Според претседателот на Комисијата, Константинос Дузинас, денешната расправа ќе заврши со гласање на сите членови, а се очекува тоа да се случи околу 18 часот по локално време или порано.
На почетокот на Комисијата Дузинас рече дека денешниот состанок на некој начин е втор дел, продолжување на расправата од пред 10 дена кога дискутираа за ратификација на договорот и додаде дека позициите на пратениците се веќе познати.
Пред обраќањето на двајцата известувачи, лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, постави прашање за уставноста во однос на одлуката протоколот да се ратификува со 151 пратеник, повикувајќи се на конкретен член од грчкиот Устав рече дека за ратификацијата, потребно е да има зголемено мнозинство, односно глас од 180 пратеници. Каменос истакна дека и утре на пленарната расправа ќе го постави конкретното прашање.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос му одговори дека грчкиот Парламент веќе има ратификувано сличен Протокол, оној за влез на Албанија во НАТО во 2009 и тогаш никој не поставил прашање за ратификација со зголемено мнозинство.
Нацрт-законот утре треба да биде донесен на пленарна расправа во грчкиот Парламент, што ќе заврши со гласање од пратениците.
Нацрт-законот од Министерството за надворешни работи на Грција, под наслов „Ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија“, вчера беше доставен во грчкиот Парламент. Потпишан е од алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, од министерот за одбрана, Евангелос Апостолакис и од министерот за финансии, Евклисдис Цакалотос, а содржи три члена.
Во првите два члена се објаснети следните чекори по ратификацијата на Протоколот, а третиот се однесува на тоа дека Протоколот ќе биде доставен до архивата на американската администрација.