Со церемонија со највисоки државни почести, денеска пред Владата, беше пречекан Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој пристигна со амбасадорите на земјите членки на алијансата од Северноатлантскиот Совет.
Премиерот Заев и Генералниот секретар Столтенберг, заедно со високите претставници на секретаријатот на НАТО и со членовите на Владата, одржаа билатерална средба, на која заеднички е заклучено дека одржувањето на состанокот на Северноатлантскиот Совет во Скопје е огромно признание и охрабрување на земјата за нејзиниот пат во евро-атлантските интеграции, кој треба да заврши наскоро со полноправно членство и со отворени перспективи за општествено-економскиот развој на земјата.
Веднаш по активностите во Владата, премиерот Заев и Генералниот секретар Столтенберг, заедно со двете делегации, заминаа на работниот дел на Северноатлантскиот Совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и претставници на Владата.
Со заедничката седница на Северноатлантскиот Совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО ќе претседаваат Заев и Столтенберг, по што ќе следува и нивната заедничка прес-конференција.
Во текот на денот, Генералниот секретар на НАТО, и амбасадорите на Северноатлантскиот совет ќе бидат примени и од Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски.