Доколку Џо Бајден сака да обезбеди поголемо влијание на САД во решавањето на отворените прашања во регионот, тој ќе мора да дејствува во рамките на параметрите на новата реалност, значи не онаа од пред четири години, кога како потпретседател на Обама се занимаваше со балканската проблематика, а особено не онаа од 1990-тите, кога Бајден штотуку почнуваше да ги обликува своите ставови во однос на Западен Балкан. И додека ЕУ останува тврдоглаво заробена во својата застарена и неуспешна стратегија на „поставување услови“ за земјите од Западен Балкан (на кои им ветува можност за членство по 100 години), САД ја задржаа способноста за брзи реакции, како и за менување на стратегијата кон целиот регион
Несомнено е дека зголемениот интерес на Србија за статусот на Србите во БиХ, Хрватска и во Црна Гора може сериозно да го наруши воспоставениот регионален баланс. Залагајќи се за „неутрална надворешнополитичка позиција“, т.е. стратегија за балансирање помеѓу Западот (ЕУ и САД) и Истокот (Русија и Кина), користејќи притоа еден проактивен, дискретен дипломатски ангажман, Белград почна да ја менува својата маргинална позиција не само на просторите на Западен Балкан туку и пошироко, во Југоисточна Европа. Сѐ почесто одредени влијателни држави од ЕУ почнуваат да ја перципираат Србија како клучен играч на територијата на Западен Балкан, како што тоа го направи и администрацијата на Трамп.
Доколку Џо Бајден сака да обезбеди поголемо влијание на САД во решавањето на отворените прашања во регионот, тој ќе мора да дејствува во рамките на параметрите на новата реалност, значи не онаа од пред четири години, кога како потпретседател на Обама се занимаваше со балканската проблематика, а особено не онаа од 1990-тите, кога Бајден штотуку почнуваше да ги обликува своите ставови во однос на Западен Балкан.
И додека ЕУ останува тврдоглаво заробена во својата застарена и неуспешна стратегија на „поставување услови“ за земјите од Западен Балкан (на кои им ветува можност за членство по 100 години), САД ја задржаа способноста за брзи, камелеонски реакции, како и за менување на стратегијата кон Србија и целиот регион. Без да бара признавање на Косово и играјќи ја улогата на покровител на Договорот за економска нормализација меѓу Србија и Косово, администрацијата на Трамп ја натера Србија да направи стратегиско свртување – и тоа не кон Запад, туку кон Американците. Имено, економската нормализација резултира со многу профитабилни деловни ангажмани за американските корпорации (неодамна отворената Развојна финансиска корпорација се претвора во нов регионален бизнис-центар), кои не ја „бркаат“ од тукашните пазари само Кина туку и земјите од ЕУ.
Со ова, политичките потези на Брисел се фрлени „ад акта“, но сепак опстанокот на Берлинскиот процес под водство на Германија не е доведен во прашање; секако, особено важен и понатаму останува Европскиот инвестициски план „тежок“ девет милијарди евра, како и Зелената агенда за Западен Балкан. Се разбира, сето ова под внимателен надзор на Америка!
Сѐ друго би можело да ја расипе американската надворешнополитичка стратегија во однос на регионот. Имено, преголем притисок врз Србија само би ги зајакнал позициите на Кина и Русија и дополнително би ги усложнил американските цели – српското признавање на Косово и поништувањето на ентитетот Република Српска. Инсистирањето на членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ ќе наиде на силен отпор од страна на Франција, но и од други земји-членки. Како што наведе Тимоти Лес, доколку САД сакаат да ги остварат своите геополитички цели на просторите на Западен Балкан, „тие мора да најдат некаква алтернатива на неуспешната политика на проширување на ЕУ, да наметнат агенда за демократизација и истовремено да соработуваат со Србија, која може значително да се приспособи на барањата поставени од САД“.
Од друга страна, логично е да се очекува дека САД и ЕУ ќе се обидат да креираат заедничка економска политика кон Кина, која ќе треба да го намали влијанието на кинеските инфраструктурни инвестиции. Целта е јасна – тактички да се запре експанзијата на Кина во регионот. Миграцијата е исто така еден од клучните проблеми за сите европски влади, но, сепак, балканските држави (како најверојатен транзитен коридор за масовните миграции што се очекуваат поради климатските промени) се тие што се наоѓаат на првите „огнени линии“. Администрацијата на Бајден ќе остане доследна на мултилатералниот пристап –што подразбира клучна улога на Америка – меѓутоа, тоа не значи целосно отфрлање на пристапот на Трамп, кој, пак, претходно се беше „надоврзал“ на политиката на Обама за неутрализација на Русија во Црна Гора (влегувањето на Црна Гора во НАТО во 2017 година). Пристапот на Трамп беше ефикасен и во случајот со Македонија – се случија соборувањето на владата на Никола Груевски и решавањето на деценискиот спор за името со Грција, а директен резултат од овие промени беше приемот на Македонија во НАТО.
Потоа САД се фокусираа на статусот на Косово, а во фокусот на новата американска администрација сега ќе бидат Босна и Херцеговина и прашањето за системски уставни реформи. Бајден ќе мора да зачува уште еден важен елемент на политиката на Трамп кон регионот – станува збор за веќе етаблираната регионална економска зона „мини-шенген“, во која членуваат Македонија, Србија и Албанија. Оваа зона им носи директна корист како на САД, така и на европските земји-членки. Всушност, може да се заклучи дека регионалната економска зона нуди одредени придобивки што државите од регионот досега ги немаа, најмногу поради фијаското на политиката за проширување на ЕУ.
Србија нема ништо против економското сојузништво меѓу државите од Западен Балкан, бидејќи со тоа може само да се зацврсти нејзината регионална позиција, а притоа и да се привлечат кон српската орбита другите земји од регионот, вклучувајќи ги Косово, БиХ и Црна Гора, држави во кои живее многубројно српско малцинство. Проектот што на Србија ѝ овозможува челна позиција на Западен Балкан би можел да биде доволно силен аргумент за српско признавање на Косово (без инсистирање на негова поделба), како и за постепено деградирање на односите на Белград со Русија, Турција и Кина.
Меѓутоа, сево ова нема да им стави крај на „вечните“ проблеми на овој регион! Имено, и понатаму ќе опстанува хегемонистичкиот дискурс, според кој општествата на Западен Балкан се незрели и насилни, благодарение на замрзнатите меѓуетнички и меѓудржавни спорови, кои се „подгревани“ од домашните политички елити. Секако, тука се и многубројните надворешни фактори, па, така, регионот останува плодна почва за неоколонијална заштита, или поедноставно кажано – протекторат.
Воспоставените матрици за доминација на глобалните актери, проткаени со нивните меѓусебно спротивставени интереси, едноставно не даваат шанса за напредок на позитивни национални интереси, обликување нова економска агенда, изградба на регионални политички и економски структури и, на крајот, за квалитетни и стабилни регионални односи.
Поради вклученоста на низа актери, обновувањето на регионалните конфликти од големи размери е малку веројатно, но, сепак, реалниот напредок на овој регион зависи исклучиво од можноста за воспоставување политички дијалог меѓу „домашните“ актери. Во основа, најголемите предизвици на Западен Балкан – пред сѐ оние економските и социјалните – може да бидат надминати само со пристап што вклучува меѓусебно разбирање и соработка, за кој е потребен барем основен политички консензус. Во спротивно, ригидниот геополитички фокус повторно ќе избие на прво место, а спротивставените интереси на големите сили ќе продолжат да генерираат трајна нестабилност на просторите на Западен Балкан, заклучува д-р Половиќ.
Д-р Јадранка Половиќ