Голем број состаноци, самити и собири што на темата Западен Балкан ги одржуваат челниците на Европската Унија ретко резултираат со заклучоци што се спроведуваат на терен во регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Оваа ситуација веќе со години упорно опстојува на европската „театрална“ сцена на сметка на земјите-аспиранти за членството во Унијата
И додека шефовите на дипломатиите на Европската Унија во Брисел вчера го разгледуваа развојот на настаните на Западен Балкан и го согледуваа исходот од ангажирањето на Унијата во годинава што изминува, некои од домашните познавачи на состојбите коментираат дека вакви состаноци, самити и собири, иако се одржуваат редовно, ретко резултираат со заклучоци што се спроведуваат на терен во регионот, вклучувајќи ја и Македонија. Оваа ситуација веќе со години упорно опстојува на европската „театрална“ сцена на сметка на земјите-аспиранти, на кои, пак, наместо да им се олесни патот кон зачленување, постојано им се наметнуваат нови услови и блокади во различна форма, видливи и невидливи, економски, социјални, формалноправни, културолошки, па дури и психолошки, дополнително комплицирајќи ја и така конфузната политика на Унијата кон регионот. Поранешниот амбасадор и дипломат Ристо Никовски вели дека улогата на Вашингтон, Брисел и на другите политички центри нема да се намали во наредниот период, но резултатите за некакво членство на земјите-аспиранти ќе бидат реални за повеќе од една деценија.
– Несомнено е дека договорот од Преспа е главен, а можеби и единствен успех на ЕУ за оваа година. Тие, со еден мастраф, ем го тргаат својот срам од третманот на кој ја изложија Македонија четврт век, ем ги задоволуваат американските интереси за реструктурирање на Балканот. Нема дилеми дека Брисел ќе ја продолжи истата политика кон Македонија. Но, и покрај многу врева, нешто конкретно за нас, а најклучно е зачленувањето во Унијата, може да биде дури за 12-15 години, и тоа под услов уште утре да ги започнеме преговорите, а моментално воопшто не е јасно дали ќе добиеме датум следната година. Рокот од 15 години е долг за една држава, а камоли за поединецот, бидејќи во меѓувреме сѐ може да се случи. Во тој контекст мора да се гледаат и сите средби, конференции, посети од страна на претставниците на Унијата, бидејќи суштината е негативна за нас – оценува Никовски.
Инаку, во пресрет на состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, пред новинарите вчераутро се обрати високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, која и претседава со состанокот. Една од темите на разговорите ќе биде регионот на Западен Балкан, а особено ќе се дискутира за последните случувања во Босна и Херцеговина по неодамнешните избори.
– Денеска на дневен ред се очекуваат многу дискусии и практично ние ќе го покриеме целиот свет, од Венецуела и Иран до Украина и земјите од Западен Балкан. Во текот на денот ќе се сретнеме со министерот за надворешни работи на Украина, Павло Климкин, и ќе зборуваме за настаните таму – рече Могерини.
Според најавите, шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе ги почнат разговорите за состојбата на човековите права во светот по повод 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права, и 70-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права. Регионалните медиуми пишуваа дека посебен акцент ќе биде ставен на очекувањата во врска со спогодбата меѓу Македонија и Грција за името. Како што наведуваат српските медиуми во документот подготвен за министерската средба повторно ќе се нагласи неотповикливата определеност за европска перспектива на Западен Балкан, но не и конкретните чекори што ЕУ планира да ги преземе за регионот.