Премиерот Зоран Заев и вршителот на должноста помошник државен секретар за Европа и Евроазија во Стејт Департментот на САД, Филип Рикер, денеска во Охрид одржаа прес-конференција.
На прес-конференцијата ѝ претходеше билатерална средба на која покрај Филип Рикер, присуствуваа и заменик-помошник Државен Секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер и амбасадорка на САД во Македонија, Кејт Брнз.
Во своето обраќање на прес-конференцијата премиерот Заев им се заблагодари на високите претставници на Стејт Департментот на САД за учеството во „Преспа форум дијалог“, организиран по повод тригодишнината од Договорот од Преспа и посветен на дијалогот и добрососедството.
– За Западен Балкан од исклучителна важност е најавата на претседателот Бајден за враќање на силното присуство на Соединетите Американски Држави на светската сцена со ангажирана дипломатија заснована на најскапоцените демократски вредности на оваа земја и наш стратешки партнер – истакна Заев на прес-конференцијата.
Премиерот нагласи дека Македонија нема да отстапи од изнаоѓање заеднички прифатливо решение со Бугарија засновано врз европски вредности и стандарди и дека земјата посветено работи со добра волја на имплементација на Договорот за пријателство и добрососедство на сите области од заеднички интерес, вклучително и на Комисијата за историски прашања, но, како што кажа има некои прашања за кои не може да се преговара.
– Ја имаме поддршката на САД во овој поглед и таа има огромна важност. Сега повеќе од кога било, едногласни сме дека унапредувањето на регионалната соработка е неминовна за европеизацијата на Балканот, а таа пак е суштински дел од нашиот пат до членство во ЕУ – потенцираше Заев.
Тој посочи дека Македонија и САД, како блиски стратешки партнери и сојузници, заедно се фокусирани на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани по мирот ширум светот.
– Уште во првата година од членството во НАТО, Северна Македонија докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности на сите сојузници. Потврдено ни е дека сме кредибилен сојузник со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и во регионот и глобално – истакна премиерот.
Високиот претставник на Стејт Департментот, Филип Рикер од своја страна нагласи дека САД и Македонија како сојузници постигнале многу заеднички достигнувања и ги нагласи Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа кои, како што кажа, ја определиле траекторијата на Македонија кон заедницата на прогресивните демократии.
– Блокадата за пристапните преговори за Северна Македонија го поткопува кредибилитетот на Европа и го истакнува впечатокот дека ЕУ го остава регионот зад себе – рече на прес-конференцијата Рикер и заклучи дека Северна Македонија во Соединетите Американски Држави има пријател како никој друг.