Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, со „народски јазик“ го бранеше предлогот за министерка за финансии, Нина Ангеловска, откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев од неа побара да одговори дали е точно дека вработените во нејзините фирми се пријавени на минимална плата, а пари им доплаќала на рака за да избегне даноци и плаќање придонеси.
– Држите некои предавања тука, 20 години државата ве плаќа да паламудите тука и да мешетарите и да испорачувате малверзации. Имате човек за 8 години засукал ркавите, дава плати. Дава плати! А вие две децении чекате плати од државата за да можете да држите овде некои лекции демотивирачки за сите други млади луѓе во државата – му врати Заев на Ѓорчев.
Заев исто така одговори и на обвинувањата дека Нина Ангеловска е вплеткана во скандалот со фирмата на снаата на Цветанка Ласкова, Христина Керкез, во врска со спорен грант од Фондот за иновации и технолшки развој.
-Грант, таа компанија во однос на апликација во која што како сопственичка структура фигурирала Нина Ангеловска, никој пат не добила. Никој пат не добила. Таму, се повлекува од постапката, снаа на Цветанка Ласкова, заради Законот се повлекува, но сепак грантот не е доделен – образложи премиерот.