Со новите вредности во соседската и регионална политика, како и со унапредувањето на демократскиот амбиент, Република Македонија доби соодветно признание со датумот за преговори со ЕУ и со најавеното активирање на поканата земјата да стане 30-та членка на НАТО, рече денеска извршниот директор на Фондацијата за демократија Вестминстер од Велика Британија Ентони Смит.
На средбата со премиерот Зоран Заев, во пресрет на учеството на македонската владина делегација на Самитот „ЕУ/Западен Балкан“ во Лондон, Смит го издвои како исклучително позитивен напредокот што го направи Македонија во изминатата година, потенцирајќи дека позитивниот пресврт беше направен со храбрите чекори што ги презеде Владата со договорот со Бугарија, и особено со договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, е изразен заеднички заклучок дека на референдумот за Договорот со Грција, граѓаните на Македонија ќе ги верификуваат политиките што ги отворија вратите на ЕУ и НАТО.
Премиерот Заев потенцираше дека гласот на пратениците е контролниот глас на граѓаните и дека и во претстојниот период од огромна важност е поддршката за унапредување на парламентарната демократија, демократизацијата на политичките партии и за јакнење на институциите како клучни во реформите што треба да бидат заокружени до отворањето на поглавјата за преговори со ЕУ во јуни идната година.