Премиерот Зоран Заев обелодени дека освен што тие му се јавувале и тој ги контактирал лажните Столтенберг и Порошенко, односно руските комичари. Одговорност нема да бара од никого, повтори Заев, додавајќи дека ќе продолжи со директни комуникации без владиниот протокол.
Премиерот разменувал и фотографии од настани што се случувале во Украина и Македонија. Тој вели дека добивал слики од Парадата на војската, а праќал од посетата на Ангела Меркел во Македонија.
– Во таа комуникација што сме ја имале, да, можно е како што тие што ме барале мене и јас да сум го барал, мислејќи дека е претседателот Порошенко. Завчера, кога се објавија снимките, сфатив дека тие не се вистинските Столтенберг и Порошенко – вели Заев.
За барањето на опозициската тој да даде оставка, Заев рече дека останува на ставот што го кажал вчера, односно дека нема намера да ја напушти Владата.
– Јас продолжувам со директни комуникации со премиери и претседатели. Комуницирам и мислам дека тоа е помош за мојата земја. Градиме пријателство, а комуникациите носат информации. Нема протокол кој мене може да ме ограничи ако јас сакам да се јавам на премиери или на кого било – рече Заев.
Ова е само аларм за да се подигнат протоколите кога се комуницира преку фиксната телефонија на Владата. Претходно, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, рече дека службите не можеле да реагираат за да се спречи разговорот на премиерот Зоран Заев со лажните Столтенберг и Порошенко. Таа вели дека државата мора да се навикне на тоа дека ќе биде цел на хибридни, кибер, но и друг тип закани.