Премиерот Зоран Заев верува во полн четиригодишен мандат и не смета дека треба да има предвремени парламентарни избори, но оти за тоа се важни и опозицијата, албанските политички партии и пред сѐ Парламентот.
– Го знаете мојот став, освен ако е насушно е потребно, неопходно и било кои големи фактори тоа го предизвикаат, тогаш би отишле на избори. Јас верувам во полн мандат, пред сѐ заради економијата, заради бизнисот, заради сите институции, заради граѓаните да можат да испланираат конечно после долги години четиригодишен мандат, а тоа значи и успех и развој и свекупен раст – рече Заев одговорајќи на новинарски прашања при посетата на Стоби.
Тој додаде дека изборите ќе беа неопходност ако ова во Парламентот не беше возможно.
– Сега гледаме дека е возможно и ќе го продолжиме тој пат. Знам дека почетокот на април или крајот на март се паѓаат претседателските избори. Веројатно до крајот на годината ќе утврдиме дека треба да бидат само претседателски избори, но пак ќе повторам, јас сум само еден од оние кои се важни за вакви одлуки, тука е важна опозицијата, албанските политички партии,тука пред сѐ и над е важен Парламентот – рече Заев.
На прашање дали пратениците од опозицијата кои во петокот го поддржаа предлогот за пристапување кон уставни измени ќе се зачленат во СДСМ, рече дека тие се членови на ВМРО-ДПМНЕ, а еден е пратеник на Социјалистичката пратија.
– Верувам во силна опозиција, во силно ВМРО-ДПМНЕ, тоа е добро и за државата, тоа е добро и за СДСМ, затоа што само тогаш државата ќе има бенефит – нагласи премиерот.