Претседателот на Владата Зоран Заев имаше средба со претседателите и претставници на сите партии кои се дел од најголемата мултиетничка владина коалиција. На средбата тие разговарале за сите економски планови и проекти, реализација на мерките за заживување на економијата, како и за проектите кои следуваат за реализација во наредната 2021 година.
Заеднички е оценето дека Владата останува посветена на реформите во интерес на сите граѓани и реализирање на зацртаните цели во Програмата.
Силна поддршка владините партнери дале за продолжување на напорите за изнаоѓање решенија во однос на ветото од Република Бугарија и е заклучено дека земјава треба да продолжи по европскиот пат.
– Остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет, ниту идентитетот на било кој народ или етничка заедница. Тука сметаме и на силната поддршка на нашите сојузници во ЕУ, особено Германија, како и САД кои се посветени нашата држава да продолжи по европскиот пат и почнување на преговорите со Унијата. Во оваа прилика уште еднаш сакам да потенцирам, бидејќи ова е една широка, мултиетничка коалиција, мене како премиер но пред сé како човек, многу ми значи поддршката од сите, од вашата поддршка но и поддршката буквално сите етнички заедници, претставени од партиите во оваа наша коалиција – рече Заев.
Осврнувајќи се на состојбата со коронавирусот, сериозноста на ситуацијата со есенскиот бран, коалициските партнери ги потврдија и ги реафирмираа заложбите на Владата за брзо и ефикасно дејствување во санирање на економските и здравствените последици. Премиерот Заев ги сумираше активностите во овој период и најави дел од следните чекори на владата за заштита на здравјето на граѓаните и помош за економијата.
– Го реализиравме заемот кај Светска банка кој обезбеди средства за изградба на 16 модуларни болници ковид-центри во 16 градови. Донесовме ребаланс на Буџетот за 2020 година со што обезбедивме средства за реализација на четвртиот пакет економски мерки во вредност од 470 милиони евра, пари кои завршуваат назад во економијата, назад кај граѓаните – рече премиерот Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче информираше за вакцината и потпишувањето на нашата земја во Ковакс групниот механизам, преку Светска здравствена организација за рамномерна распределба на вакцините во сите земји.
– Обезбедивме 833 илјади дози за 400 илјади граѓани кои два пати ќе се вакцинираат во текот на месец март. Сите вакцини кои се дел од Ковакс системот се со докажани добри ефекти и соодветна количина на анти-тела – подвлече министерот Филипче.
Сите коалициските партнери ја поддржаа определбата на Владата за продолжување на реформите и постигнување на европските стандарди дома, кои обезбедуваат унапредување на судскиот систем, раст и развој на економијата и повисок животен стандард.
Тоа е потврдено и со Буџетот предвиден за 2021 година кој обезбедува економско закрепнување, реализација на капиталните инвестиции, справување со коронавирусот, како и засилена динамика на спроведување на потребните реформи во секој сегмент во општеството во интерес на сите граѓани.