Фото: Маја Јаневска-Илиева

Добивме претседател и имаме чест да продолжиме напред со Стево Пендаровски, изјави претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на прес-конференција од Бихаќка. Тој оцени дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера и граѓаните можат да слават.

– Продолжуваме заедно и одговорно напред. Патот е поплочен со успех. Победи концептот заедно напред, победија граѓаните и републиката. Сите можеме да славиме. Имаме европска земја, горд и одговорен народ, кампањата беше достоинствена, а изборите  беспрекорно чисти во двата круга. Победивме со пенкало и глас, а граѓаните избраа да не се враќаат во мрачното минато – изјави Заев и додаде дека со изборите уште еднаш земјата покажала подготвеност за ЕУ.

Тој прогласи победа и за Константин Георгиевски во Охрид, односно за Никола Андонов во изборната трка за градоначалник на Ново Село.

– Вечерва имаме и победа во Охрид. Новиот градоначалник е Константин Георгиевски со повеќе од 3.800 гласови. Имаме и градоначалник на Ново Село, Никола Андонов – рече Заев.

Тој им заблагодари на граѓаните за поддршката и рече дека од овие избори сите треба да извлечат поука.

– Благодарност до етничките заедници и 31 политичка партија кои застанаа зад Стево Пендаровски. Сите тие покажаа доблест, големина и зрелост. Од овие избори сите треба да извлечеме поука. Неопходно е приземјување на одредени поединци – рече Заев и до ВМРО-ДПМНЕ испрати порака дека треба да модернизира и да сфати дека Северна Македонија ја сочинуваат сите нејзини граѓани.

Заев истакна дека Пендаровски е достоинствен претставник за сите.

– Да ни ги чуваш граѓаните, биди правичен, објективен, кривичен, со слух за граѓаните. Ти си резултат кога се слуша гласот на народот – му порача Заев на Пендаровски.


По изборите ќе мете метлата

По изборите ќе дојде редот на метлата која ќе чисти од јавните претпријатија па сè до министeрствата и Владата, изјави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека го разбрале алармот од граѓаните.

– Промени ќе има во сите сфери. Ние сме избрани од народот и затоа треба да одговориме на нивните потреби. Ќе има кадровски промени, онаму каде што нема резултати и функционалност, без ралика дали тоа е во Владата, министерствата или во други институции – изјави Заев.

Тој додаде дека со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, не разговарале за кадровски промени, туку средбите биле сконцентрирани на претседателските избори.

– Ве уверувам дека ќе има простор и ќе ги исправиме грешките, ја разбравме пораката – рече Заев.