Стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на која било партија да бојкотира избори или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата, се вели во реакцијата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, која тој ја објави по пресконференцијата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност – напиша Заев во објавата на социјалните мрежи.
Според него, итното одржување на изборите е неопходно и екстремно важно за се вратат институциите кои мора да им служат на граѓаните со полн капацитет и легитимитет.
– Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите. На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, на средбата кај Пендаровски, тој не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство или здравствена криза – вели лидерот на СДСМ.
Според него, цели три години ВМРО-ДПМНЕ правеле опструкции, кочници и бојкоти со цел да дојдат до предвремени избори од кои сега бегаат.
– Нема да дозволиме Мицкоски да ја втурне земјата во институционална криза, без Собрание и политичка Влада, нема да дозволиме да биде загрозена безбедноста, сигурноста и здравјето на граѓаните – порача Заев во објавата додавајќи дека СДСМ не сака избори без опозиција, но ако Мицкоски се одлучи на тоа, тогаш ќе покажат што можат да направат во еден мандат без саботажи.