Политичките партии да се подготват за предвремените избори на 12 април, бидејќи постапката околу ратификацијата за членството во НАТО се очекува да биде завршена до 11 февруари, кога се распушта Собранието, истакна денеска премиерот Зоран Заев.
Тој по поставувањето на првиот електричен столб од новиот далековод од Штип кон Пробиштип, изрази очекување дека дотогаш ќе биде завршена ратификацијата за Протоколот за НАТО.
– Шпанија ќе одржи избори на 10 ноември и има закажано конституирање на Парламентот на 3 декември. Тоа значи дека го имаме цел декември, цел јануари, и десетина дена од февраури, па постои соодветно време да се реализира. Не сакам да испратам никаква порака до било која политичка партија и потенцијални кандидатски листи за изборите да не се подготвуваат – вели Заев.
Шпанија, Франција и Холандија се трите земји кои сѐ уште го немаат ратификувано Протоколот за НАТО. По нив, и Македонија ќе треба да го ратификува Протоколот во Собранието. Премиерот Заев вчера во изјава за медиумите рече дека 12 април како датум за одржување на предвремените парламентарни избори треба да се задржи, но се остава можност за да се случат какви било промени поради ратификацијата на протоколот за прием во НАТО. Тој посочи дека не смееме да дозволиме да нема парламент кога ние треба да го ратификуваме протоколот со НАТО.