Влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, коментирајќи дека освен што НАТО значи безбедност и стабилност, носи и повеќе пари за граѓаните.
Само по добивањето на поканата за членство за НАТО во 2018 година, рече Заев, странските инвестиции достигнаа рекорден износ зголемен за над 300 отсто во споредба со оној од 2017 година. Невработеноста денес е на рекордни најниски 17 отсто, а платите растат буквално во сите сектори.
– Веќе од оваа година се отвора пазар вреден 4 милијарди евра годишно за нашите компании преку нашето членство во НАТО. Агенциите на НАТО за услуги, набавки, информатика и комуникации стануваат достапни за сите македонски компании да конкурираат и да ги пласираат нашите домашни производи. Го повикувам бизнис секторот да биде наш активен партнер и да ги искористи максимално економските придобивки кои произлегуваат од членството – нагласи Заев.
Како што додаде денес сме чекор поблиску до преговорите со Унијата и отворање на првите поглавја. Последениот доказ за тоа, вели Заев, е вчерашниот Извештај на Европската комисија.
– Извештајот нотира значаен напредок во сите области: во правосудството, во борбата против корупцијата, во реформата на безбедносните служби и реформата на јавната администрација. Тоа е потврда, тоа е печат за успешните реформи што ги остваривме со многу работа и во тешки услови, тоа се успеси на граѓаните, на државата, на Владата, на парламентот и на институциите – додаде Заев.
Заев порача дека на ред е ЕУ да ја исправи грешката и да започне преговори за членство. Со добра стратегија и цел, тој очекува до 2024 година да бидат отворени 80 проценти од поглавјата за ЕУ.
– Ние за шест години успешно ќе ги завршиме преговорите со Европската Унија. Со вакво ВМРО-ДПМНЕ, преговорите би траеле 60 години и никогаш не би завршиле – додаде Заев.
Отварањето на преговорите, смета Заев, ќе значи трансформација на целото општество, но и пристап до нови фондови, до повеќе пари за зелена агенда, за енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализација, патишта, водовод, повеќе работни места, повисоки плати за работниците, повеќе профитабилни домашни компании.
– Од европските фондови обезбедуваме две милијарди евра за Северна Македонија во годините коишто претстојат пред нас. Само во последните месеци добивме грант неповратни средства од 13 милиони евра за интерконекторот за гас помеѓу нашата земја и Република Грција, должен 68 километри. Пет милиони евра добивме неповратни средства за граничниот премин, за железничкиот премин и патот околу граничниот премин Табановце. Дваесет и осум милиони евра добивме грант неповратни средства од ЕУ за патот Скопје- Блаце, плус 50 милиони евра добивме награда за успешно спроведени реформи и 17 милиони евра за развој на регионот Преспа. Тоа се европски пари за европски стандард дома. Бизнис секторот ќе може да ги искористи максимално економските придобивки кои произлегуваат од членството во НАТО и преговорите со ЕУ – истакна Заев.