Сега е моментот и опозицијата и власта да бидат заедно затоа што се работи за иднината на идните генерации, порача премиерот Зоран Заев на вечерашната трибина „За европска Македонија“ која се одржа во Делчево како дел од кампањата за референдумот за Договорот за името закажан за 30. месецов. 

 

– Испраќам порака и до Христијан Мицковски и до граѓаните, заедничка ни е државата, по ова прашање треба да застанеме заедно, затоа што влогот се идните генерации на државата. Имаме одговорност да ја осигураме таа иднина. Како што консезуално одлучивме во 1991 година за независна Македонија, сега мора да одлучиме Македонија да оди напред и да биде земја со која сите ќе се гордееме – наведе Заев.

 
Тој пред делчевчани рече дека му чест што е во градот на револуционерот кој пред повеќе од еден век ја кажал една од најголемата и најважната мисла за Македонецот – „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
 
– Еве исправени сме пред остварување на тој вечен сон, сон да стоиме рамноправни и признати од цел свет и да се натпреваруваме во тој културен натпревар – посочи премиерот.
 
Сите македонски политичари пред мене, дополни, беа за Европа, немојте да дозволите никој да ви излегува со контраргументи, ако има алтернатива јавно нека ја каже.
 
– Сите мои претходници се бореа не случајно за Европската унија, но сега после 27 години се поклопија околностите за влез во европското семејство. И оние најрадикалните видоа дека влезот во Унијата значи само придобивки и перспектива. Ниту нешто им зедовме на Грците, ниту тие нам. Сега е моментот да и покажеме на Европа дека сме европски граѓани – нагласи премиерот.
 
Како што потенцираше, Европа и НАТО покажаа отворени врати за Македонија, а таа шанса не треба да се пропушти.
 
– Генералниот секретар на НАТО пред граѓаните на Република Македонија јавно рече: „Отворени се вратите за Македонија. Ние ве чекаме“. Ни ја подаваат раката, велат, еве фатете се да ве извлечеме од калта. Затоа знам каква одлука ќе донесат граѓаните на Репубика Макеоднија на претстојниот референдум. Транспарентна и светла иднина за сите. Должност ни е да одработиме јуначки за ова наше парче земја, немој да мислите дека Заев има скриено нешто во ракав. Играм на најголемиот џокер, нашиот народ на Република Македонија, играм на се или ништо. Добиваме се што им должиме на нашите внуци. Немојте да дозволите да ја испуштиме шансата и да се каеме. Сакам на 1 октомври да ве видам сите горди и среќни и да блескате со насмевка зошто сте обезбедиле иднина на нашите и вашите деца, на нашата Македонија-рече Заев.