До пред некое време едвај се среќававме и многу ретко седнувавме на заедничка маса, а ова што последните три-четири месеци се случува е новата реалност, новата слика на регионот. Имплементацијата на Декларацијата за спроведување на четири слободи на ЕУ во Западен Балкан, донесена во Охрид минатиот месец, веќе дава резултати за нашите граѓани и за економиите, истакна премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата како завршница на третиот состанок на лидерите на Западен Балкан што денеска се одржа во Тирана.
-Утрово го посетивме Драч и јас сум сѐ уште под емоции од трагите на уништувачката катастрофа што му се случи на овој град. Како најблиски соседи ќе продолжиме да помагаме колку што е можно и колку што е потребно. Апелирам до сите наши граѓани, до лидерите на бизнис заедницата во Северна Македонија, да продолжат со солидарноста и да им ја пружат неопходната помош на граѓаните од Драч и другите места. Трагедијата на Драч не поттикна да ја вклучиме взаемната поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби како уште еден столб во унапредувањето на нашата сорабтока во регионот – рече премиерот.
Тој кажа дека во февруари во Белград надлежните институции на секоја од земјите на Западен Балкан ќе го потпишат документот Протокол од Драч за соработка на дирекциите за заштита и спасување.
Премиерот Заев ги наведе остварените конкретни чекори од оваа иницијатива, како што се 24-часовно функционирање на граничните контроли за фитосанитарни и ветеринарни проверки, завршените преговори меѓу Македонија и Србија за изградба на новиот граничен премин Лојане – Миратовац, како и договорот меѓу царинските дирекции на Македонија и на Албанија за One Stop Shop за граничниот премин Ќафасан, каков што имаме со Србија на граничниот премин Табановце.
-Главната цел на овие One Stop Shop, односно гранични контроли со едно застанување, е наскоро да станат– Нон Стоп Шоп, односно премини без застанување. Во остварувањето на оваа цел свој придонес ќе има и воведувањето на бесхартиен систем кој ќе ги поедностави царинските постапки. Во таа насока за истакнување се и неодамнешните одлуки донесени во рамките на ЦЕФТА, за време на претседателството на Албанија, особено одлуката за автоматско признавање на овластени економски оператори – нагласи премиерот.
Тој додаде дека во центарот на овие иницијативи се граѓаните од целиот регион и во нивни интерес е и меморандумот за слободно движење на лица со лична карта и унифицирање на процедурите за работни дозволи за сите граѓани во сите држави во регионот.