На референдумот гласаа повеќе од 650 илјади граѓани и повеќето од 90 отсто гласаа „за“. Со тоа порачаа дека Македонија треба да го прифати Договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ, порача вечерва премиерот Зоран Заев.
– Европска Македонија доби повеќе гласови „за“ од кој било победник на изборите во независна Македонија. Народот направи многу важен избор – рече Заев.
Одлуката што ја донесоа денеска, не беше лесна, но мораше да биде донесена, рече Заев и им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат за и против.
Упати благодарност и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои презедоа одговорност за својата татковина и гласаа по сопствена волја. Апелираше до опозицијата и до сите политички партии да се обединат околку државниот интерес и да ги тргнат настрана теснопартиските интереси. Повтори дека друга алтернатива е распишување предвремни избори веднаш.
– Знам јас, знае опозиција, а знаат и сите граѓани, подобар договор со Грција нема и не може да има. Членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива и не може да има. Да не си играме со нашата иднина и со нашата Македонија – рече премиерот Зоран Заев.
Одговорајќи на новинарско прашање, Заев, меѓу другото кажа дека со ваков резултат не помислува да поднесе оставка, туку напротив е уште поубеден во тоа што го прави – да ја однесе Македонија во ЕУ и НАТО.