На 15 јули расчистуваме со остатоците од режимот во судството. Сета сила и енергија ја вложуваме во воведувањето ред, еднаш и засекогаш. Правиме држава во која виновните се казнуваат, а праведните напредуваат, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– Од едната страна се граѓаните, Законот за јавно обвинителство и одлучноста да создадеме правна држава, а од другата страна е спрегата за заштита на криминалот предводена од криминалните ортаци Мицкоски-Груевски-Камчев, докторите за финансиски криминал и Ќосињата кои на неправдата и изградија и споменик. Таквите мора да одговараат пред правдата за криминалите што ги правеле, затоа што законот денес важи за сите подеднакво – рече тој.
Заев изјави дека СДСМ во изминатите три години покажале дека македонското општество и граѓаните можат да бидат и солидарни и грижливи.
– Покажавме дека може да се помогне на секоја индивидуа или заедница на која тоа и е потребно. Сите погодени од корона кризата добиваат институционална и солидарна поддршка и помош. Направивме пресврт и разлика, од држава во која се гази врз достоинството на луѓето, станавме држава во која се помага на сиромашните и ранливите. Создадовме праведна држава, создаваме и правна држава – кажа Заев.
Тој порача дка е време за ред, правда и дисциплина.
– Нема веќе простор за компромис со правото. Оние кои имаат обврска да обвинуваат и судат, мора да испорачаат правда, а не истата да ја блокираат. Правосудството целосно ќе се прочисти од корумпираните судии и обвинители. Оние судии кои свесно и намерно застаруваат предмети, ќе бидат разрешени по автоматизам, за да се остави простор на оние кои чесно и професионално си ја работат работата. Ќе започне и детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители, како и темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор. Воведуваме ред и дисциплина и во сите други институции. Администрацијата мора да им служи на граѓаните и затоа, дополнително ја професионализираме и ја намалуваме за 20%. Ги укинуваме патните трошоци за пратениците во Собранието со што целосно го затвораме просторот за евентуални неправилности и неетичко постапување – изјави лидерот на СДСМ.