Сакам сите заедно, нашето македонско знаме да го гледаме еднакво високо и развиорено до знамињата на економски најмоќните држави членки на ЕУ и НАТО. Нашето знаме заедно со знамињата на најразвиените држави во светот, порача премиерот Зоран Заев на граѓанскиот собир што синоќа се одржа во Битола.
Тој нагласи дека спорот со Грција е решен, а македонскиот идентитет потврден и зајакнат.
– Наша одговорност беше да го решиме отвореното прашање кое ја загрозуваше иднината на Република Македонија. Ја презедовме одговорноста, го решивме спорот, постигнавме договор со Република Грција. Наша одговорност и света должност беше да го зачуваме македонскиот идентитет, а ние освен што го потврдивме туку и го зајакнавме бидејќи Грција го призна македонскиот идентитет. Еднаш и засекогаш, македонскиот јазик се впишува во ризницата на светските народи и јазици, и тоа никој повеќе не го оспорува. Македонија избра иднина наместо неизвесна и безсмислена изолација, а со одлуката на референдумот ја заокружуваме нашата лична, граѓанска, политичка одговорност…тоа е таа одговорност која ние ја презедовме, а скоро три децении никој не ја преземаше. Светот го препозна тоа и ни оддаде признание, а признанијата дојдоа преку датумот за преговори со ЕУ и со поканата за рамноправно членство во НАТО, истакна Заев.
Пред битолчани, македонскиот премиер потсети на придобивките кои граѓаните ќе ги почувствуваат од интеграцијата во најмоќните организации во светот, ЕУ и НАТО.
– Македонско-грчкиот договор е договор за македонската иднина, придобивките ќе ги донесеме до секое семејство, тоа се придобивки кое секое семејство ќе ги почувствува брзо, ќе се зголемат фондовите кои ЕУ ги вложува во нашата инфраструктура, ќе се градат нови патишта и мостови, училишта и градинки, ќе се зголемат фондовите за земјоделците, со ЕУ иднината на нашите млади луѓе е безбедна, истакна Заев и потсети дека ЕУ само во пелагонискиот регион, во последните три години вложила над 60 милиони евра, а поддршката ќе се зголемува.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ги повика битолчани на 30 септември масовно да излезат на гласање и да гласаат ЗА, бидејќи на тој начин се обезбедува светла иднина на генерациите во европска Македонија.
Повик за масовно учество на септемврискиот референдум упатија и режисерот Софија Ристевска која меѓу другото нагласи дека е уморна уште да чека за Македонија да влезе во ЕУ и НАТО, додека пак градоначалникот на Битола Наташа Петровска порача дека во овие глобални општествени и политички моменти треба да се избере патот на иднината, а тоа на 30 септември Битола ќе го потврди, рече Петровска.