Граѓаните се тие кои ќе одлучат на референдум, а секако јас како премиер и Ѓорге Иванов како претседател треба да им помогнеме на граѓаните, а не да им одмогнеме, изјави денеска премиерот Зоран Заев по отворањето на Бизнис форумот-инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Република Македонија.
Одговарајќи на новинарско прашање за соопштението од претседателот Иванов во врска со преговорите за името и забелешките упатени кон него за начинот како се води процесот, Заев рече дека останува на неговите стојалишта и принципи, како и секогаш градејќи соработка и избегнувајќи кавги или непријатни ситуации.
– Ние политичарите треба да им служиме на граѓаните и треба да градиме соработки, да ја унапредуваме Македонија во сите нејзини перспективи. Во таков случај, јас верувам дека ние ќе имаме состаноци, таму можеме да ги вадиме сите аргументи, секој да постапува согласно своите надлежности и да не заборавиме дека сме поставени од граѓаните. Тие нė поставуваат, тие нė менуваат и согласно за вака важно прашање одлучивме референдумското изјаснување да биде многу важно – истакна Заев.
Повтори дека се надева дека може да се реши 25-годишниот спор што ќе овозможи да се направи чекор кон ЕУ и чекор кон НАТО.
– Сите овие фрустрации што ги видовме, сите овие миграции на млади луѓе кои ги видовме тоа се фактите во Македонија и за нив зборува времето кое го поминавме сите заедно од самостојноста на Македонија до денес. Знаеме кои се перспективите ако се реши проблемот, знаеме дека интеграциите ни се достапни, знаеме дека веднаш стануваме членка на НАТО, знаеме дека почнуваме преговори со ЕУ. Сето тоа ни е на повидок, наше е да одлучиме – рече Заев.
Вели дека ќе направи сė за да се склучи договор со Грција кој ќе биде достоинствен и ќе го сочувува нашиот идентитет и ќе ги чува интересите на граѓаните и на Република Македонија, обезбедувајќи и евроатлантска перспектива.
– Зборувам јавно, ќе се борам за тие ставови, но секако ќе имам и респект и за другите ставови. Важно е да ги следиме чекорите и да не ја кочиме Македонија и Македонија да одлучува онака како што одлучуваат сите демократски земји – изјави Заев.
На крајот, како што рече, важно е за прашањето граѓаните референдумски да се изјаснат и од тој аспект апелира до сите политички чинители да бидат внимателни и да им помогнат на граѓаните, а не да им одмогнат во демократското право на носење одлуки.