Европската комисија денеска ги објави двата исклучително важни документи за европската агенда на Македонија: Годишниот пакет за проширување, кој го вклучува годишниот Извештај за процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, како и Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Како што истакна Заев, годинешните пакети на Европската комисија имаат посебно значење, бидејќи се објавени во амбиент на зајакнато внимание на процесот на проширување помеѓу земјите-членки, како и во време на тековните дискусии за преговарачката рамка за Македонија и конечно, во период кога го очекуваме одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, која треба да се одржи во рамките на Германското претседателство со ЕУ.

Во извештајот за Македонија е констатирано дека содржинскиот дијалог на нашата Влада со Европската комисија се наоѓа на многу повисоко ниво. Во него се наведува дека Македонија во голем број области постигнува високо ниво на усогласеност со европското законодавство и се препорачува имплементација и испорака на уште поголеми резултати.

– Посебно се издвојуваат наодите во областите на фундаментални вредности, избори, владеење на правото, судството и борбата против корупцијата, од кои може да се заклучи дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементацијата на веќе донесените закони и постоечки механизми.
 

Финансиската поткрепа од 9 милијарди евра преку ИПА, во комбинирана форма на грантови и поволни заеми за да се поддржи економската конвергенција на Западен Балкан со Европската Унија, ќе испрати силна порака за поддршка на европската перспектива на регионот и за комплементарноста на реформските процеси со забрзаниот економски развој – пишува Заев во неговата објава.