Државата ни се наоѓа во крајно комплицирана состојба, пред новиот бран на епидемијата наесен, со распуштено Собрание и со техничка Влада која имаше мандат за организирање на предвремени избори на 12 април, рече претседателот на СДСМ по состанокот на Регионалниот изборен штаб во Изборна единица 4.
Тој нагласи дека потребно и одговорно е да се најде решение за изборите да се одржат пред почеток на летото, бидејќи во ваква ситуација истите значат решение, а не проблем.
– Спроведувањето на изборите бара внимателност и одговорност од секој од нас, при што јасно е дека изборите се единствениот демократски механизам за граѓаните да го вратат легитимитетот на законодавната и извршната власт – порача претседателот на СДСМ.
Заев напомена дека сите политички субјекти имаат обврска и одговорност да водат прилагодени, контролирани, нов тип на кампањи, со сите мерки на заштита и без масовни настани.
– Уверени сме дека институциите ќе ги обезбедат сите превентивни мерки за 100 отсто заштита на граѓаните на денот на гласањето. Набљудувачката мисија на ОБСЕ и ОДИХР ќе биде гаранција дека слободно изразената волја на граѓаните ќе биде легитимна – порача лидерот на СДСМ.