Една година од формирањето на владата на премиерот Зоран Заев, Собранието вчера расправаше за избор на нови министри, при што Заев во своето експозе истакна дека Македонија е на вистинскиот пат, се движи во добра насока и оти во тоа ќе бидат уверени сите граѓани знаејќи дека, како што рече, ни претстојат сериозни реформски активности и реализација на големи одлуки од пресудно значење за земјата. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ оваа реконструкција е „пазарџиска за пет-шест пратеници“ и „козметичка без промена на министрите што не донеле резултати“.
– Зад нас е точно една година од работата на Владата. Ја оставаме зад нас длабоката политичка криза со отворање длабоки сериозни реформски процеси за да ја вратиме довербата во институциите и демократскиот амбиент – рече Заев, кој потенцира дека Македонија од земја во изолација со политички тензии стаса до реално членство во НАТО и до сосема извесен датум за преговори со ЕУ.
Тој изрази задоволство од постигнатото, посочувајќи дека Владата работи во согласност со околностите во кои се најде и во кои се наоѓа Република Македонија.
– Ги уверувам граѓаните дека сме на вистинскиот пат, се движиме во добра насока, и во тоа ќе бидат уверени сите граѓани на нашата земја, знаејќи дека ни претстојат сериозни реформски активности, реализација на големи одлуки од пресудно значење за РМ – рече Заев.
Според Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, оваа влада ќе остане запаметена во меморијата на граѓаните како „ќе влада“, за граѓаните да веруваат дека реформите ќе се случат. За него, оваа реконструкција е козметичка, а не суштинска, бидејќи не се менуваат министрите што не постигнале резултати.
Инаку, според предлогот што во текот на вчерашниот ден требаше да биде изгласан, досегашната министерка за образование Рената Дескоска ќе го преземе Министерството за правда. На нејзиното место во ресорот образование ќе дојде Арбер Адеми, Асаф Адеми ќе стане министер за култура и Бардул Даути министер без ресор. По изборот на нови министри, следува гласање за заменик-министри. Предложени се Андреј Жерновски за заменик-министер за надворешни работи, Асим Муса за заменик-министер за здравство, Ѓонул Бајрактар за заменик-министер за труд и социјална политика и Садик Беќири за заменик-министер за транспорт и врски.
Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите.
Претходно, пратениците изгласаа одлука за распишување оглас за избор на членови на ДИК. П.Р.