Британскиот магазин „Економист“ осмисли т.н. индекс на глобална нормалност, за да ги следи промените во извршувањето на секојдневните активности на глобално ниво во текот на пандемијата. Индексот се состои од осум индикатори поделени во три категории
Свет: Показатели за промените во извршувањето на секојдневните
активности во пандемијата
Од избивањето на пандемијата многумина се прашуваат кога светот ќе се врати во нормала. Но сѐ уште е нејасно дали одвивањето на вообичаените активности воопшто ќе се врати во некогашната претпандемиска состојба, земајќи го предвид ширењето на мутациите на ковид-19, проблемите врзани за процесот на вакцинација, но и сменетите навики во текот на изминатата година. Практиката за работење од далечина би требало да продолжи, а одењето во кино, на пример, можеби никогаш веќе нема да биде популарно како порано.
Осум индикатори поделени во три категории
Британскиот магазин „Економист“ осмисли т.н. индекс на глобална нормалност, за да ги следи промените во извршувањето на секојдневните активности на глобално ниво во текот на пандемијата. Индексот се состои од осум индикатори поделени во три категории. Првата категорија се однесува на транспортот и на патувањата, односно на јавниот транспорт во големите градови, обемот на сообраќајниот метеж, како и на бројот на меѓународни и домашни авионски летови. Втората категорија ги опфаќа рекреацијата и забавата. Таа ги вклучува времето поминато надвор од дома, приходите на киноблагајните и посетата на професионалните спортски настани. Во третата категорија спаѓаат малопродажбата и работните активности, земајќи ги предвид раздвиженоста во продавниците и искористеноста на канцеларискиот простор (измерена преку движењето на работното место во големите градови).
Индексот опфаќа 50 од најголемите светски економии, кои заедно сочинуваат 90 отсто од глобалниот БДП и 76 отсто од светската популација. Индексот се добива преку просекот врз основа на популацијата на државите и резултатите од различните индикатори. Нивото на активност пред пандемијата има зададена вредност од 100 за полесна споредба.
Општа активност
Индексот забележа пад во март минатата година кога повеќе држави воведоа строги рестрикции за нивните граѓани, со што изнесуваше 35 во април 2020 година, пред постепено да се подобри во следните неколку месеци. Индексот изнесуваше 66 според податоците од 30 јуни, што сугерира дека светот е приближно „на половина пат“ до враќањето кон начинот на живот каков што беше познат пред пандемијата. Некои индикатори, како што се сообраќајниот метеж и времето поминато надвор, „закрепнаа“ побрзо од другите, како што се на пример, присуството на спортските настани и користењето на авиосообраќајот. Глобалнот просек всушност прикрива голем дел од варијациите низ различните земји.
Активноста не се врати во нормала во ниту една од државите што беа опфатени во истражувањето. Секојдневниот живот во Кина накратко се врати на претпандемиското ниво за време на прославата на лунарната нова година во февруари, што делумно се должи на рекордните приходи на киносалите, но најмногубројната светска држава сега е некаде на средина на рангирањето. Хонгконг и Нов Зеланд, кои воведоа ефективни мерки против ширењето на коронавирусот и кои забележаа релативно мал број на смртни случаи, моментно се на врвот на листата. На дното се наоѓа Малезија, која е погодена од нов бран на зараза поради делта-видот. Состојбата на табелата се менува во зависност од воведувањето на новите рестрикции или од зголемувањето на бројот на новозаразени.
Транспорт и патување
Јавниот транспорт во голема мера закрепна. Нивото на сообраќајниот метеж исто така се зголеми, а авионските летови главно остануваат приземјени поради рестрикциите.
Рекреација и забава
Кога карантините беа најстроги, во април минатата година, времето поминато надвор од дома опадна за 20 отсто, според светскиот просек до кој дојде „Економист“. А затворањето на киносалите и на спортските објекти, предизвика активноста во овие зданија целосно да запре. Оттогаш тие бавно закрепнуваат, а се претпоставува дека посетеноста на киносалите можеби никогаш нема да се врати на некогашното ниво.
Работа и малопродажба
Средбите преку апликацијата Зум и онлајн испораките беа најзабележливи за време на пандемијата. Повеќето канцелариски работници сметаат на продолжување на флексибилноста во однос на тоа колку време ќе поминуваат на работното место. Но раздвиженоста во продавниците беше голема од средината на минатата година.