Лидерската средба во скратен формат која се одржа денеска во Клубот на пратениците заврши по речиси четири часа, но без постигнат договор околу прашањата поврзани со престојниот референдум и формирањето на Државната изборна комисија.
По 15-тина часа од завршувањето на завчерашната лидерска средба во проширен партиско-пратнички состав во Клубот на пратениците денеска се одржа нова рунда разговори, овојпат само меѓу лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами. Ваквиот формат на лидерската средба синоќа го побара Мицковски, по напуштањето на состанокот.
Разговорите во овој формат ќе продолжат в недела навечер или понеделник наутро.
Заев во изјавата по лидерската информира дека денеска не бил постигнат договор и оти разговорите продолжуваат.
– Разговорите со опозицијата продолжуваат веројатно во недела вечер или во понедленик наутро. Стратешки цели на Република Македонија и на сите парламентарни партии се полноправното членство во ЕУ и НАТО. Компромиси нема за стратешките цели на РМ. Амнестија директна или индиректна нема. Ќе му дадеме шанса на дијалогот и разговорот се додека тоа е возможно, порача Заев.
Тој нагласи дека Парламентот продолжува да работи и разгледувањето на измените на Изборниот законик ќе продолжи во собраниските комисии.
– Очекувам на лидерска средба да се договори и имплементацијата на ДИК. Тоа е моето очекување, а со тоа и на парламентарното мнозинство, рече Заев.
На новинарско прашање дали опозицијата како клучен услов го поставила амнестијата за да прифати формирање на ДИК, Заев посочи дека се за што се зборувале ќе соопшти, откако ќе завршат лидерските средби.
– Им давам шанса на лидерските средби да доведат до решение, кое што ќе значи успешен референдум како процес кој води кон тоа Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со ЕУ со отворање на поглавјата во јуни 2019 година, истакна тој.
Во врска со тоа дали е постигната согласност за некои од барањата на опозоцијата Заев посочи дека има прашања кои лесно се договораат, но има и прашања кои не се договараат лесно.
– Но верувам дека сите сме свесни дека процесот е во броени денови, затоа што сакаме навреме да спроведеме референдум, а по успешниот референдум ќе следуваат уставни промени во македонскиот Парламент за да можеме на почетокот на идната година да очекуваме одлука и во грчкиот Парламент. Тие рокови се поврзани согласно тоа очекувам на следната лидерска средба да објавиме решение, односно се надевам на решение коешто значи договор меѓу власта и опозицијата, нагласи Заев.
Мицкоски по завршувањето на лидерската во изјава пред новинарите нагласи дека е разговарано за теми кои веќе и се познати на јавноста, а се дел од преговорите од март-април.
– Ја користам оваа прилика да кажам определен мој впечаток којшто не се темели на чувства, туку на заложби на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се вистинските европски вредности и принципи, а не само декларативни заложби. Доколку навистина се стремиме кон европските вредности и принципи така треба и да се однесуваме и истите заложби да ги применуваме во дело. Тоа подразбира почитување на законите и на Уставот и да превенираме каков било обид да се изигра волјата на граѓаните односно да се поставуваат повеќесмислени прашања за круцијални теми за кои ние како граѓани сме загрижени за иднината на оваа држава, посочи тој.
Изрази оптимизам, нагласувајќи дека за дел од темите има напредок, но додаде дека генерално се се ограничува до моментот на формирање на составот на ДИК.
На состанокот, рече тој, се уште не се отворила темата за евентуалната можна формулација на референдумското прашање кое вчера го соопшти премиерот Заев, а кое гласи: Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.
Како што најави Мицкоски, за сите овие прашања денеска ќе разговараат највисоките партиски тела – Извршниот комитет и Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ДУИ Ахмети по средбата изјави дека постојат разлики, но тие треба да се надминат во интерес на евроинтеграциите.
– Сите треба да се ангажираме за да имаме успешна завршница за имплементација на договор којшто е постигнат со грчката страна. Бидејќи не се исцрпени сите опции останува наредните денови да продолжат разговорите и очекувам сите да дејствуваат храбро и да не ја пропуштиме оваа историска шанса, рече Ахмети.
Лидерот на БЕСА Билал Касами нагласи дека ќе придонесат преговорите да завршат со договор меѓу партиите за да се формира ДИК и да има успешен и добро организиран референдум.
– Државата е во многу критична состојба и во многу значајна позиција е сериозно да продолжи во процесот на евроинтеграции. Затоа го поздравуваме овој состанок. Интензивните преговори на политичките чинители се многу важни затоа ќе придонесеме активно овој процес на преговори да заврши со договарање меѓу политичките партии. ДИК да се формира, референдумот да биде успешен во насока на негова организација со цел да се отвори можност сите граѓани слободно да се изјаснат и да ја изразат својата волја се со цел Македонија еднаш засекогаш да стане членка на НАТО и ЕУ, рече Касами.