Групи што повикуваат на марш за почист воздух, на протести за миленичиња, на стоп за насилството и национализмот во Македонија, но и такви што повикуваат на одбрана на политичари, па може да се сретнат закани, пцости, навреди и етничка омраза… Сето она што се случуваше на меѓуетнички и секаков друг план изминатиов период си најде свое место и на социјалните мрежи. Прекуноќ се појавуваат групи и профили со етнички предзнак, а на нив фотографии и видеа, објави со кои се повикува на „справување“ со другиот, но и такви групи во кои се повикува да се запре со нетрпеливоста. Во отсуство на некогашната моќ на политичарите да го мобилизираат народот за политички цели, деновиве граѓаните по сѐ изгледа се организираат за проблеми што ги засегаат нив а се во доменот на обичниот секојдневен живот, но и како такви, сепак, тие собири се најдоа во коментарите на социјалните мрежи, од кои кај некои произлегува и говор на омраза.
Речиси е невозможно да нема објава на друштвените мрежи, особено доколку веста е поврзана со некаков протест на граѓаните, а таа да не се искористи како можност и поттик некој да се етикетира и да се отвори жестока дебата меѓу граѓаните за „едните“ или за „другите“, за „предавниците“ или за „патриотите“, а притоа не изостануваат ниту навредите и говорот на омраза. Познавачите со кои се консултиравме за оваа тема препознаваат голем број кривични дела на социјалните мрежи во последниот период. Во исто време коментираат дека многу е тенка линијата во денешните современи општества на Интернет и социјалните мрежи да се разграничи слободата на изразување од говорот со омраза. Тие за проблематиката истовремено апелираат до сите влијателни личности, политичари, институции и претставници на седмата сила да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, оти, според нив, тоа што една личност може да го предизвика со својата изјава, стотина други лица потоа нема да можат да го исправат.
Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска апелирала до сите општествено влијателни личности да внимаваат што зборуваат и што пренесуваат во јавноста, но и на социјалните мрежи, оти тоа, според неа, во овие мигови е доста сериозна работа, која може да предизвика граѓански нереди од поголеми форми.
– Генерално, секогаш кога станува збор за говор на омраза, дали тоа е во медиумите или социјалните мрежи, треба да се води голема сметка да не се изрекуваат тешки навреди. Мора да јакнат граѓанскиот принцип и свеста дека на јавни места мора многу да се внимава на нашиот јазик. Дури и да сакате некого да го навредите, условно кажано, без разлика дали тоа е на протест за миленичиња, за почист воздух или нешто, трето треба да најдете начин како да го кажете тоа. Има начини како да се спротивставите со тивки аргументи, а не со омраза, која лесно може да предизвика негативен домино-ефект од социјалните мрежи во општеството и обратно – вели професорката Кафеџиска.
Професорката дообјаснува дека е жалосно што во основа сите се силиме затскривајќи се зад условната анонимност на социјалните мрежи. Таквиот начин на изразување свое мислење е посебен феномен, кој, и да биде санкциониран од надлежните институции, не може да даде плод. Според Кафеџиска, поентата е во личната одговорност на чинителот.
– Протестите се една оддишка на колективната енергија. Мислам дека ова навистина зазема големи размери со етикетирање на луѓето и мора да се работи во правец на воспитната компонента, а не санкција. Протестите на етничка основа пак се ирационални, непродуктивни и не удираат во срцевината на проблемот, односно во државните институции и политичкоправниот апарат. Треба да се зголеми одговорноста на тие што влегуваат во дискусија и што повикуваат на насилство и сл. Единствено така општеството ќе стане отпорно на провокации, а социјалните мрежи ќе станат помирни и попродуктивни – подвлекува Кафеџиска.
Од друга страна, пак, познавачите на социјалните мрежи велат дека политичките партии во земјава се застапени на социјалните мрежи, барем тие поголемите. Некои од партиите не ги разбираат социјалните мрежи, пред сѐ Твитер, и ги користат за еднонасочна комуникација, односно само им го соопштуваат на своите следбеници она што сакаат да им го кажат. Недостига лична порака од самите корисници, односно политичари, и тие не комуницираат со читателите. Тие сметаат дека социјалните мрежи во исто време можат да се искористат и за да се смират страстите доколку се сака, а не само да се користат за мобилизација за насилство и говор на омраза.