За Англиски јазик има поднесено поголем број приговори, бидејќи по овој предмет матурантите имаат послаби резултати. Но по овој предмет имаше многу препишувања, а тоа го утврдија и оценувачите, вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар
Во рок од три дена, во училишните комисии се поднесени околу 250 приговори од матуранти што се незадоволни од остварените резултати од државната матура. Како што информираат од Државниот испитен центар, во изминатите години бројот на приговори што стигнувале за матурата бил многу поголем.
– За приговор се плаќа по 1.500 денари. Според досегашните уплати што ги имаме, има околу 250 приговори. Изминатите години биле многу повеќе. Многу малку приговори има за предметите Македонски јазик и Математика. Тоа кажува дека матурантите главно се задоволни од постигнатото. За Англиски јазик има поднесено повеќе приговори, бидејќи по овој предмет имаат послаби резултати. Но по овој предмет имаше многу препишувања, а тоа го утврдија оценувачите – информира Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ.
Од денеска до недела, членовите на комисиите составени од професори ќе ги разгледуваат приговорите, па веднаш в понеделник ќе бидат објавени официјалните резултати.
Oваа година матура полагаа 15.300 матуранти. За Македонски јазик беа пријавени 10.848 кандидати, а испитот го полагале 10.647 ученици. Средната оценка е 3,93. Минатата година немаше полагање државна матура поради пандемијата на ковид-19, па надлежните направиле споредба со постигнатиот успех од пред две години, кога просечната оценка била 3,69, што покажува дека годинава има подобрување во однос на успехот.
– За Англиски јазик беа пријавени 13.452 ученици, а од нив полагале 13.033. Средниот постигнат успех е 2,82, а во 2019-та тој бил 3,07. Француски јазик полагале 31 ученик, а постигнале среден успех – 4,58. За Германски јазик средниот успех е 4,56, а бил 4,41 во 2019-та. Математика оваа година биле пријавени дека ќе полагаат 1.529 ученици, кои постигнале успех од 4,07, што е полошо од 2019 година, кога средниот успех бил 4,66 – рече пред неколку дена директорката на ДИЦ.
Наумовска откри дека имало матуранти што копирале готов есеј од интернет и дека оценувачите не ги толерирале тие преписи.
– Цели текстови или делови од текст се преземани и копирани од интернет. Сепак, чекаме официјални извештаи од оценувачите во врска со ова. Оценувачите забележале преписи што ги проверуваат на интернет, па утврдиле дека се работи за препис – рече Наумовска.
Измината учебна година учениците учеа во вонредни услови поради пандемијата. Средношколскиот сојуз бараше разбирање од надлежните, односно да им биде намален материјалот за учење за матурскиот испит. Откако министерката Мила Царовска не попушташе, премиерот Зоран Заев по средба со средношколските претставници кажа дека им ги прифатил барањата.
Резултатите од испитите се објавени во сите училишта на огласните табли, како и на веб-страницата matura.gov.mk. Секој ученик може да пристапи со корисничко име и со пасворд и да види каков успех постигнал.