Денешнава колумна ќе се осврне на резолуцијата, неодамна поднесена во Собранието, политичките лидери и нашата иднина. Притоа, како што вообичаено практикувам, ќе бидат набележани делови од расказот „Водач“ на Радоје Домановиќ и од поемата „Божествена комедија“ на Данте Алигиери. Во политичко-општествената сатира „Водач“, граѓаните избираат спасител, некој што, според нив, е „Вистински мудрец! … Редок ум!“, „тврдејќи дека самиот господ го испратил како ангел од небото за да ги спаси.“ Во изминатиот период, исполнет со празни ветувања, многумина беа, а малкумина и сѐ уште се убедени дека политичките лидери конечно ќе го трасираат патот до ЕУ. Така почнавме, брзоплето и непромислено, без да ги оцениме оправданоста и големината на влогот и дали воопшто целта, наречена ЕУ, ги оправдува вложените средства, прво со потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, потоа со потпишувањето на Преспанскиот договор, за на крајот да пристигне и Рамковната позиција на Бугарија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и на Албанија. Во овој период, особено ја разбранува јавноста појавувањето на резолуцијата, која предизвика различни мисли, погледи, позитивни и негативни согледувања, и повторно го отвори прашањето за идентитетските белези, во врска со кое многумина синхронизирано и во еден глас порачаа: „Преговори и разговори за македонскиот идентитет, за македонскиот јазик ниту имало, ниту има, ниту во иднина ќе има“. Но што од ова е точно?
Да почнам со ред. За Преспанскиот договор и за Договорот со Бугарија веќе сум пишувал и поради тоа, тука, ќе предочам некои факти, конкретно, два цитати од веб-страницата на Владата на Република Бугарија за третиот документ, за Рамковната позиција:
„Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ’македонски јазик‘, одвоен од бугарскиот.“
„Очекуваме усвојување на подзаконски акти за спроведување на законот за малцинства, очекувајќи максимално да бидат загарантирани правата на бугарското национално малцинство, вклучувајќи го и изучувањето, без административни бариери, на литературниот бугарски како мајчин јазик во региони традиционално населени од нив, како што се Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Кукуш, Елбасан, но и секаде на друго место во Албанија каде што живеат во моментов.“
За жал, простата и строга анализа на трите документи, Преспанскиот, Бугарскиот и Рамковниот, веднаш покажува дека:
Трите документи ја ограничуваат просторната димензија на македонскиот јазик. Во документите се тврди дека во соседните држави не постои македонското малцинство, па така македонскиот јазик се зборува само на територијата на денешна Македонија.
Рамковниот документ ја ограничува временската рамка на македонскиот јазик и се тврди дека македонскиот јазик постои само од 1944 година.
Но дали е тоа навистина така? Што кажува науката за тоа?
Според светската лингвистика, јазиците имаат просторна и временска димензија, при што се зборува за просторно-временски јазично-дијалектен континуум. Така, за разлика од државите-нации, кои се формираат во точно определено време и имаат точно дефиниран суверенитет на определен простор, јазиците, кои се комплексни и адаптивни структури, се формираат во период од повеќе стотици години, многу пред формирањето на државите-нации и не познаваат граници!
Со други зборови, јазиците и нивните дијалекти немаат јасно дефинирани временски почетоци и просторни граници, туку можеме да зборуваме за временски и за просторни интервали. Така, на пример, не постои точен момент во времето кога латинскиот јазик е заменет со француски, италијански или некој друг романски јазик. Исто така, во просторниот континуум, тешко е да се каже каде започнува германскиот, а каде холандскиот јазик.
Македонскиот јазик се формира многу пред формирањето на државата Македонија. За македонските особености на одделни црковнословенски ракописи се укажува одамна, на пример, во студиите за Добромировото евангелие (Jagić 1898), Болоњскиот псалтир (Щeпкин 1906), Охридскиот апостол (Кульбакин 1907). Во тој контекст, би потцртал дека во МАНУ и во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се издадени повеќе ракописи во коишто се потврдува македонското потекло на документите: Струмички апостол, Григоровичев паримејник, Вранешнички апостол, Радомирово евангелие, Радомиров псалтир, Загрепски триод, Орбелски триод, Македонско четвороевангелие, Карпинско евангелие и др. Докази за диференцијацијата на македонскиот и бугарскиот јазик може да се најдат на веб-страницата на МАНУ. Виктор Фридман, член на МАНУ, член на повеќе балкански академии и лингвист што познава над 20 јазици, вели: „Македонскиот и бугарскиот јазик се деца на истиот јужнословенски родител, како што се норвешкиот и шведскиот јазик деца на истиот северногермански родител.“
Имајќи ги на ум сите овие научни тврдења, факти и укажувања, недвојбено станува јасно дека трите документи, Преспанскиот, Бугарскиот и Рамковниот, од научна гледна точка, се бесмислени, ништовни, апсурдни, неприфатливи, празни и некорисни!
Во врска со резолуцијата би издвоил неколку дополнителни и важни податоци, особено имајќи ги предвид дискусиите во јавноста за нејзината поврзаност со МАНУ. Резолуцијата НЕ е документ на МАНУ. ЧЕТИРИ научно-правни нивоа го афирмираат преттекстот од кој е фактички напишана резолуцијата.
Во резолуцијата се преземени делови од „Македонскиот манифест“, којшто на 3 декември 2020 г. го потпишаа легитимните претставници на МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ. Станува збор за документ потпишан од тројца легални претставници на три македонски институции, а не за документ на самите институции!
Манифестот е произлезен од документот „Промеморија за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ“ усвоен од Претседателството на МАНУ на 15 ноември 2020 година. Во овој случај не станува веќе збор за документ потпишан/одобрен од три раководни лица, туку станува збор за институционален акт, за акт донесен од соодветен орган во МАНУ.
ромеморијата ги црпи своите заклучоци од „Повелбата за македонскиот јазик“, којашто е усвоена на седницата на Собранието на МАНУ од 3 декември 2019. Информативно, Собранието на МАНУ го сочинуваат сите членови на МАНУ! И, во овој случај, повторно, не станува збор за документ потпишан/одобрен од три раководни лица, туку станува збор за институционален акт, за акт донесен од највисокиот орган на МАНУ.
Повелбата за македонскиот јазик ја сублимира и истакнува законската и статутарната обврска на МАНУ да ја остварува координативната и обединувачка грижа за македонскиот јазик, преку вршење приоритетни и фундаментални научни истражувања со другите научноистражувачки и високообразовни установи.
Документите: Законот и Статутот на МАНУ, Повелбата, Промеморијата и Манифестот се достапни на веб-страницата на МАНУ за сите, вклучувајќи ги политичките и општествените чинители во државава! Тие не треба да ги злоупотребуваат документите на МАНУ, туку напротив, користејќи ги нив, треба да градат соодветна научна аргументација, особено во клучните преговарачки процеси за државава.
Колумнава покажа дека реченицата „Преговори и разговори за македонскиот идентитет, за македонскиот јазик ниту имало, ниту има, ниту во иднина ќе има“ е бесмислена. Предлагам реченицата да се дополни со мал, но клучен додаток. Нема потреба од лажење, замаглување, изместување и подметнување. Имено, предлагам да се зборува и пишува вака: „Преговори и разговори за македонскиот идентитет, за македонскиот јазик што постои повеќе од илјада години и се зборува во и надвор од територијата на денешна Македонија ниту имало, ниту има, ниту во иднина ќе има“.
На крајот, како и што почнав, би завршил со расказот „Водач“, во кој по некое време, ликовите се сомневаат во исправноста на постапките на водачот, при што ги „изгубија веќе и верата и надежта и оние најважните и најтврдите“. Па затоа, „говорникот му пристапи на водачот и почна да говори со изнемоштен, растреперен глас, полн со болка, со очајание и горчина: Каде ќе одиме? Каде нè водиш и каде нè доведе?“ Сфаќајќи дека водачот е слеп, слеп се родил, во смртен страв, на прашањето „Каде ќе одиме сега?’, следбениците сами одговараат: „Не знаеме!“ Иако напишан пред 120 години, расказот и денес е актуелен. Така, и нам не ни требаат политички лидери што се нестручни и необразовани, за кои тврдењата на светската лингвистика, славистиката и македонистиката се ништожни и безвредни.
Како понатаму? За да одговорам на ова прашање, ќе потсетам дека во 2020 г. се навршија 700 години од појавувањето на делото „Божествена комедија“. Македонија во 2021 г. е распарчена, разнебитена, понижена од расправии, неукости, корупции и дивеења. Парафразирајќи го Данте во „Божествена комедија“, да замислиме дека се будиме во темна шума, воздухот е горчлив, сенките се застрашувачки. Свесни сме дека во Македонија сѐ е наопаку. Но кризата во Македонија е истовремено момент на можност, своевидна катарза, момент на расплетување, решавање и отплеткување, момент што доаѓа на почетокот на она што Данте го нарекува комедија. Така се надевам дека и кризата во Македонија ќе се реши, расплетка, надмине, расчисти. Прашањето не е дали тоа ќе се случи, тоа мора да се случи, но како? Ги знаеме чекорите, ако не знаете, прашајте, видете, осврнете се, не е погубно ниту за вас, ниту за Македонија, туку напротив, тоа е единствениот спас за сите, а погубно и срамно е ова што досега ни се случуваше. Решенијата треба да се прости и строги, но и мудри и достоинствени.