Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните реагираат дека исто како и лани, во ноември, кога имаше голем број заболени од ковид-19, за лабораториските испитувања и проверка на Д-димери и ЦРП се чека и повеќе од десет дена. Покачени вредности на Д-димерите, или народски кажано згуснување на крвта, е една од компликациите на заразата со ковид-19

КОВИД-ПОЗИТИВНИТЕ ПАЦИЕНТИ СЕ СООЧУВААТ СО УШТЕ ЕДНА ТЕШКОТИЈА

Ковид-позитивни пациенти што се на домашно лекување и имаат уреден упат од матичниот лекар за лабораториските услуги Д-димери и ЦРП чекаат и по цела недела за да ги направат овие испитувања на државна сметка.
Има пациенти што имаат потреба да ги следат овие параметри на секои четири до пет дена, што значи дека за лекување од ковид-19, само за крвна слика, односно токму за овие две лабораториски услуги, на приватно треба да платат повеќе од 3.000 денари.
Граѓаните реагираат дека исто како и лани, во ноември, кога имаше голем број заболени од ковид-19, за овие испитувања се чека и повеќе од десет дена. Покачени вредности на Д-димерите, кои покажуваат народски кажано згуснување на крвта, е една од компликациите од болеста ковид-19.
Цените за испитување на приватно во Скопје, каде што има најголем проблем поради метежи, се движат од околу 800 денари, па нагоре. За ЦРП, цената е околу 300 денари.

Откако Фондот за здравствено осигурување одлучи овие две лабораториски услуги да ги стави на позитивната листа за ковид-пациенти, некои од матичните не можеа да дадат упати за нив. Потоа некои од оние што се обиделе да ја добијат оваа услуга беа враќани или, пак, услугите им биле приватно наплатувани, иако поседувале уреден упат од матичен лекар за таа намена.
Од Фондот за здравство велат дека овие испитувања се вршат во установи што имаат договор за правење услуги на државна сметка т.е. за нив треба да се плати само партиципација.
Целта на оваа одлука на ФЗО беше да ги направи овие испитувања на крвта подостапни за пациентите болни од ковид-19, зашто се многу важни во процесот на нивното лекување.
Инаку, одлуката заедно со упатот за испитување на овие лабораториски ставки била објавена во „Службен весник“ уште на 21 декември 2020 година.
Во Скoпје овие испитувања се вршат во поликлиниките „Бит-пазар“, „Јане Сандански“ и во Драчево.
Од Министерството за здравство велат дека во поликлиниките се вршат дневно до 40 лабораториски анализи на пациенти со ковид-19.
– Приемот на пациенти е секој работен ден од 11 до 12 часот. Има денови кога капацитетот за тој вид анализи е исполнет, но граѓаните не чекаат подолго од три до четири дена – посочуваат од ресорното министерство.

Во овие лаборатории, освен постковид-анализи, се работи и со редовните, тековни анализи на други пациенти, со хронични болести, малигни заболувања, трудници, деца итн.
Од министерството очекуваат во скоро време вакви анализи да се вршат и во поликлиниките во Букурешт и во Идадија.
Можноста матичните лекари да издаваат лабораториски упат за испитување на Д-димери, Фондот за здравствено осигурување ја донесе по реакции и од граѓаните и од матичните лекари дека поради зголемен број на болни од ковид-19 во болниците, оние што се ковид-позитивни, а се на домашно лекување се изложуваат на непотребно одење кај специјалист за да им издаде упат за вакво испитување.

[email protected]