Фото: Игор Бансколиев

СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА РАНГИРАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ОД НЕКОЛКУ ВЛИЈАТЕЛНИ МЕЃУНАРОДНИ ИНСТИТУЦИИ

Најновите истражувања на вашингтонскиот институт „Сошал прогрес“, на фондацијата „Херитиџ“ и извештајот „Дуинг бизнис“ за 2019 година на Светската банка, иако се однесуваат на исти или слични области, фрлаат различна светлина за реалните околности и остварувања во државата. Зошто е тоа така

Влијателни светски институции, универзитети, институти, меѓународни организации или невладини тела одвреме-навреме ја рангираат нашата држава според достигнувањата во различни основи (општествен напредок, економија, економски слободи, активни политики, медиумски реформи итн.
Иако овој тренд и ваквите истражувања секогаш се актуелни, интересни и го привлекуваат вниманието од пошироката јавност, паѓа во очи што понекогаш резултатите на овие рангирања за слични теми имаат различни вредности.

Па, така, за одредени сфери, кои се однесуваат на општествениот напредок или на економските слободи и реформи, земјата котира високо на ваквите ранг-листи, додека во други слични истражувања за истата проблематика е рангирана на самото дно. Хипотетички се поставува прашањето дали може во исто време некои да нѐ третираат и рангираат како грдо пајче, додека други како прекрасен лебед.

Како за илустрација издвојуваме неколку вакви примери со различни резултати во изминатиот период, кога на слични области, неколку различни институции дадоа сосема поинакви резултати за тоа како котира нашата држава во светски и во регионални рамки на слични области.

Најсвеж пример е рангирањето на вашингтонскиот институт „Сошал прогрес“, кој од неговото формирање па досега редовно врши рангирања на државите за општествениот напредокот што го имаат тие.

Во последниот извештај на оваа американска институција за 2019 година, во која се пресметува за секоја земја посебно како таа во период од една година дејствува за задоволување на основните човекови потреби и права, можност и просперитет на граѓаните, за подобрувањето на животот и здравствената заштита, како и за развојот на економијата, нашата држава од вкупно 149 земји во светот е рангирана на 67-то место.

Споредено со регионот, Македонија котира најниско од Балканот, а пред нас се Албанија (54), Црна Гора (58), Србија (53), Бугарија (43), Хрватска (38), Грција (30) и највисоко е рангирана Словенија (21).

Во оваа табела на „Сошал прогрес“, во споредба со извештајот од минатата година, Македонија е падната за 2 позиции, кога сме биле рангирани на 65-та позиција, а од регионот единствено нема информации за соседно Косово и за Босна и Херцеговина, кои воопшто не се вброени во истражувањето.

Претходно, пак, фондацијата „Херитиџ“ ја рангира Македонија на 33-то место во светот според индексот на економски слободи за 2019 година.

Според истражувањето, со резултат 71,1 нашата земја е најдобро позиционирана од регионот. Зад нас се Бугарија на 37-то место, Косово (51.), Албанија (52.), Србија (69.), БиХ (83.), Хрватска (86.), Црна Гора (92.), а Грција е на 106-то место.
Според наводите во истражувањето на фондацијата „Херитиџ“, индексот на економски слободи се изработува врз основа на четири критериуми – владеење на правото, јавното трошење, регулаторна ефикасност и отвореност на пазарот.

Претходно, пак, Светската банка во извештајот насловен „Дуинг бизнис“ за 2019 година ја рангира Македонија на високото 10-то место во светот, односно на 5-то место во Европа, според условите за водење бизнис во конкуренција од 190 земји. Во извештајот се забележува дека во однос на претходната година, позицијата на Македонија е подобрена за едно место на оваа ранг-листа.

Во меѓувреме, за овие состојби околу тоа зошто нашата држава различно котира на светските рангирања од сличен карактер коментар побаравме од Владата, но до затворањето на денешното издание на весникот не добивме одговор. Од друга страна, политичкиот стратег и пиар, Синиша Пекевски, вели дека преку ваквите истражувања навистина се мери развојот или назадувањето на некоја држава во одредени области, но само во оние ситуации во кои овие анкети се нарачани од некоја сериозна меѓународна институција како ЕУ, НАТО или ОН, а се извршени од некоја организација со кредибилитет.

– Но во Македонија ние сме сведоци последниве дваесетина години, дека добиваме истражувања за слични или исти области од голем број институти и организации, чии резултати не се совпаѓаат. Тоа е така бидејќи најчесто домашните политичари се тие што ги финансираат овие анкети или истражувања. Па така кога низ медиумите ќе се прошири информација со која се фали државата, по некоја логика овие анкети се нарачани од партиите на власта, а кога се критикува земјата за одредени области тие најчесто се финансирани од опозицијата – вели Пекевски.

Според него, нашите граѓани најдобро знаат какви се состојбите во земјата на сите полиња и разните анкети и истражувања на одредени меѓународни организации, било тоа да се позитивни или негативни нема многу да го променат мислењето на населението туку тие единствено се користат за прибирање политички поени.

[email protected]