Власта го гледа излезот од кризата во бескомпромисна правна разврска и неселективна истрага без оглед до кого ќе се стигне, додека опозицијата ја претпочита политичката диоптрија, па смета дека владејачката коалиција нема кредибилитет да ја води државата и дека се потребни предвремени избори
Аферата „Рекет“ ја разбранува македонската јавност, а поради својата форма таа му зададе фатален удар на правосудниот систем. Таа исто така по својата содржина откри референци со длабока политичка заднина. Заради тоа, сè погласни се заложбите за брза разврска на овој случај, бидејќи освен што предизвика криза во правосудството, аферата се заканува да нѐ вовлече во длабока и долготрајна политичка криза со тешки и несогледливи последици по перспективата на државата и на граѓаните.
Власта го гледа излезот од кризата во неселективна истрага без оглед до кого ќе се стигне, додека опозицијата ја претпочита политичката диоптрија, па смета дека владејачката коалиција нема кредибилитет да ја води државата и дека се потребни предвремени избори.
Истовремено, власта смета дека тежиштето треба да се стави на бескомпромисна правна разврска, а во врска со политичките референци на аферата, тие сметаат дека предвремените избори не се добра опција во време кога државата очекува датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ и полноправно членство во НАТО до крајот на годината.
– Останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори. Брзи предвремени избори видовме до каде ја донесоа државата заради политички консултации. Ако требаше да се оди на предвремени парламентарни избори, ќе ги распишевме заедно со претседателски избори. Редовни избори треба да има во декември 2020 година, а јас немам проблем да бидат закажани во октомври в година – објасни Заев кон средината на јули, напоменувајќи дека предвремените избори би запреле некои процеси.
Опозицијата, пак, смета дека аферата би требало да има и политичка разврска. Имено, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски повтори дека оваа власт мора да си замине бидејќи, како што рече, кај луѓето повеќе нема надеж дека нешто во оваа земја ќе се подобри.
– Едноставно дојдовме до степен кога не постои ниту трошка надеж дека што било ќе се подобри. Затоа се знае, народот ќе каже доста е на следните предвремени парламентарни избори – порача Мицкоски.
Во една таква ситуација, во рамките на политичкиот ракурс на аферата, останува дилемата во јавноста дали предвремените избори се вистинското решение за излез од кризата што сѐ повеќе ја загрозува државата, но истовремено дали политичкиот аспект на аферата го надвладува и преклопува правниот?!
– Ние сме за избори сега и веднаш, но тоа не зависи од нас, бидејќи одлуката за распуштање на парламентот се носи со 61 глас. Власта грчевито се бори да остане на власт и да го скрие криминалот што го направила – вели Наум Стоилковски, портпарол на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, не постои идеален датум за одржување предвремени избори во земјата, туку идеално би било да нема криминал во Македонија, октоподот, како што рече, да си замине и Јавното обвинителство да работи во интерес на граѓаните.
– По вакви големи криминогени афери и скандали, во кои се вмешани политичари, судии, обвинители, медиуми, нема да оди лесно повлекувањето од власт на оваа гарнитура – додава Стоилковски.
Од друга страна, владејачкиот СДСМ останува на ставот дека на државата не ѝ се потребни предвремени избори, туку во овој период е потребно да се мобилизираат сите сили во насока на забрзување на евроинтегративните процеси.
– Опозицијата бара избори, а гледа да не ги добие. Сега, кога нè очекува одредување на датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ и зачленување во НАТО, не треба да се одржуваат предвремени избори – вели Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.
Тој уште додава дека владината коалиција е стабилна без некакви потреси и несогласувања меѓу коалициските партнери.
Ниту политичките аналитичари, не се единствени во врска со изборите како клуч за решавање и излез од настанатата ситуација.
– Во дадената ситуација, по сè што се случи со договорите со Бугарија и со Грција, по Законот за албанскиот јазик со кој практично се федерализира земјата и по аферата „Рекет“, која ги тресе темелите на државата, предвремените избори се наметнуваат како единствен излез – смета поранешниот дипломат Ристо Никовски.
Според него, евентуалниот датум и предвремените избори не се директно поврзани.
– Тоа нема директна врска со датумот за преговори, за кој е просто неверојатно дека и ќе го добиеме наскоро, туку е важно за нормализирање на состојбите во државата. Во условите што се сега, нема простор за никакви реформи и Македонија не само што не тапка во место, туку пропаѓа во бездна – смета Никовски.
Меѓутоа, низа професори и аналитичари со кои се извршени консултации не го делат мислењето на Никовски. Тие нагласуваат дека по одложувањето на одлуката на Советот на ЕУ во јуни да се додели датум за почеток на преговорите со Македонија, сите надежи се свртени кон Германија, од која се очекува во октомври да даде зелено светло за датумот и дека предвремени избори сега би биле „политички истрел во стапало“ и државата сама би си го прекинала забрзаниот чекор кон ЕУ.
Меркел: Европа ќе биде целосно обединета само со земјите од Западен Балкан
Европа вистински ќе биде обединета кога сите земји од Западен Балкан ќе ѝ се придружат на ЕУ, изјави завчера германската канцеларка Ангела Меркел, говорејќи на настан во Унгарија.
– Ако ги гледаме работите геостратегиски и исто погледнеме во мапата, тогаш ќе забележиме дека единствено вистински обединета Европа ќе биде можна со државите од Западен Балкан – рече Меркел.
Германската канцеларка уште еднаш ја потврди заложбата за проширување на ЕУ, идеја што некои европски влади не ја поддржуваат.