Темата за која ќе пишувам денеска е една од најчестите теми на мојот научноистражувачки интерес во последните неколку години, а се однесува на дигиталниот свет, вештачката интелигенција, машинското учење и новите визии, кои забрзано го менуваат нашиот свет. За предностите и слабостите на тие промени ќе пишувам подетално на друго место. Тука, само ќе посочам дека дигиталниот свет „ги избриша ‘времето’ и ’просторот‘ и ги донесе, моментално и постојано, грижите на сите луѓе. Тој го постави дијалогот на глобална скала. Неговата порака е целосен пресврт, завршувајќи со психичкиот, социјалниот, економскиот и политичкиот провинцијализам“. Со други зборови, дигиталниот свет го постави дијалогот на глобални размери, при што „ние живееме во глобално село“ додека „‘времето’ изумре, ‘просторот’ го снема.“ (McLuhan, Fiore, Agel. The Medium Is the Massage: „An Inventory of Effects“. Bantam books. 1967).
На 10 март 2016 година машината AlphaGo, развиена од Google DeepMind, ја доби втората партија (од петте последователни парии), против 18-кратниот светски шампион во играта го (во текстот ќе биде јасна разликата меѓу играта „го“ и кратка форма „го“ што се употребува за директен објект од личните заменки тој, он). Настанот беше организиран во Сеул, Јужна Кореја, помеѓу 9 и 15 март 2016 година. За таа партија, дописникот за нови технологии на списанието „Њујорк тајмс“, којшто присуствуваше на натпреварот меѓу машината AlphaGo и човекот, напиша: „Постоеше силна тага на целиот кат, и вие можевте да ја почувствувате за време на играта. Го чувствував тоа за време на играта. Ја напуштам просторијата за коментатори за да одам на прес-конференцијата и ме запре некој друг репортер. Отпрвин, сè за што тој сакаше да зборува е технологијата и колку ова е одлично, но потоа, дури и тој некако се лизна во овој момент на меланхолија, каде што и тој беше вознемирен.
Се чувствувате радосно, но и малку уплашено. Има нешто, мислам, застрашувачко во врска со машината што учи самостојно“. Тоа што се случи тој ден, (видете подетално во книгата Koteska, Kocarev, „Principles of Digital me“, in preparation), ја смени човечката перцепција за вештачката интелигенција. За време на играта, во 37-от потег, во 01:38:39 часот од своето време, AlphaGo направи тотално незамислив потег, што ги остави сите професионални коментатори без зборови. Тие не можеа да го утврдат значењето на овој потег и на почетокот се мислеше дека AlphaGo направи грешка, бидејќи ниту еден професионален играч немаше да го избере тој потег. Триесет и седмиот потег беше шок и за програмерите на AlphaGo. Тие, седејќи во просторијата, непосредно до местото за играње, од каде што преносот во живо го следеа повеќе од 60 милиони гледачи, веднаш истрчаа да видат што мисли AlphaGo за сопствениот потег. AlphaGo се согласи со процената дека станува збор за невообичаен потег, велејќи дека постои веројатност 1 во 10.000 дека потегот 37 би го играл човек. AlphaGo знаеше дека тоа е малку веројатен потег, а сепак одлучи да ги надмине упатствата добиени од луѓето за играта и да смисли нешто ново и креативно. AlphaGo веќе го доби својот прв натпревар претходниот ден на 9 март, сепак за време на вториот натпревар, тој одлучи да го направи својот прв оригинален потег. Различните достигања на вештачката интелигенција, не само во стратегиски игри како што се игрите шах и го, ќе бидат тема на друг труд.
Општо земено, дигиталниот свет се состои од различни објекти, од хардвер и дигитална електроника до софтвер, од дигитални информации до дигитални (социјални) општества. Да се потсетиме, компјутерската наука има цел да ги проучи проблемите и задачите што можат пресметковно да се решат, анализираат, и/или разберат (на пример, со користење на Тјуринговите машини) и, понатаму, да обезбеди, дизајнира, и имплементира алгоритми што можат да го направат тоа ефикасно, практично и етички. Во поширока смисла, спознанието вклучува такви ментални состојби и процеси како што се верување, свест, емоции, јазик, учење, меморија, перцепција, планирање, решавање проблеми, резонирање, репрезентација (вклучувајќи категории, концепти и ментални слики), мисла итн. Во вештачка интелигенција се претпоставува дека менталните состојби и процеси можат пресметковно да се реализираат, разберат, анализираат. Така, централните прашања во вештачката интелигенција се: „Кои аспекти од менталните состојби и процеси можат да се пресметаат?“, или „Дали има аспекти на сознанието за кои сè уште не знаеме дека можат да се пресметаат?“. Ако одговорот е да, „Дали тоа значи дека дигиталниот свет може да произведе когнитивно однесување?“ Одговорите на овие прашања се надвор од доменот на овој текст, а за некои онтолошки и етички предизвици поврзани од дигиталните ентитети/битија ги упатувам читателите на трудот Kocarev, Koteska, „Digital me ontology and ethics“ јавно достапен на https://arxiv.org/abs/2012.14325.
Брзиот напредок на компјутерските науки и вештачката интелигенција, од една страна, и новите технологии и иновации, од друга страна, придонесуваат дигиталниот свет и физичкиот свет да станат уште поинтегрирани, со што ефективно се брише, се замаглува јазот меѓу нив. Така, покрај печатените, и дигиталните учебници се неминовност наметната од развојот на информатичките и комуникациските технологии. Но, за жал, дискусиите поврзани со учебниците што овие денови ја разбрануваа македонската јавност, по мое мислење, не само што не ја одразуваат суштината на проблемот тука ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми што постојат во секторот образование и наука. Или, би се послужил со латинската поговорка Hannibal ante portas (Ханибал е пред вратите), која, бидејќи името на славниот картагински воен водач беше синоним за најголемата опасност што му се закануваше на тогашниот Рим, всушност и во денешни дни се употребува за да означи „ние сме во најголема опасност“.
Што мислите која е најголемата опасност, кои се реалните проблеми во секторот образование и наука денес, но и во историјата на независна Македонија? Одговорот е јасен. Тоа се неукоста, незнаењето, сервилноста, непочитувањето и ароганцијата со кои поранешните, а особено тековни властодршци се однесуваат спрема образованието и науката, спрема УКИМ, МАНУ и другите научни и образовни институции во Македонија. Секторот образование и наука е системски, планирано и намерно уништуван со години. Сервилноста и желбата за владеење, политичкиот пазар, ароганцијата и алчноста, дополнета со незнаењето и неспособноста на политичарите веќе неповратно доведоа до дно на дното, состојба од која враќањето назад е речиси невозможно.
Состојбата по потегот 37, дописникот од „Њујорк тајмс“ на мечот меѓу машината AlphaGo и човекот ја опиша, можеби хиперболично, како меланхолија, духовна состојба на тага, нерасположение, страв. Последните „реформи“ во образованието, за жал, предизвикуваат тага, нерасположение и страв. Тага за состојбата во која, веќе со години, се наоѓа секторот образование и наука во Македонија. Нерасположение дека овие зборови се излишни, или со зборовите на Блаже Конески, „од секогаш сум мислел за излишноста на зборот, дека најмалку го трога тој онега што му е упатен“. Страв за иднината на Македонија. Стожерот на секое општество, секторот образованието и науката, во Македонија веќе подолго време е подложен на постепено деградирање, уништување, за денес, за жал, да може да се констатира дека секторот образование и наука е претворен во пепел, пеплосан. Затоа, за да опстанеме во светот, во еден неодамнешен текст во „Нова Македонија“ порачав дека нам сега, во моментов, ни треба прочистување во секторот образование и наука.