Според теолозите, токму во житието на Свети Василиј лежи и причината поради која на овој ден се дели лепче со паричка
Секој 14 јануари, календарот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија забележува три празници, различни еден од друг. Тоа се Обрежание Христово, Свети Василиј Велики и Стара нова година. Кај верниците најмногу се познати Василица, која се слави во чест на Свети Василиј, како следбеник на Исусовата вера, и Стара нова година, односно почетокот на православната година по јулијанскиот календар.
Покрај МПЦ, според јулијанскиот календар, православна Нова година слават и Српската и Руската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора.
Голем број македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние што го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.
Свети Василиј е личност од црквата на чиј ден во Македонија има многу традиционални обичаи што се практикуваат, од карневали до василичарски огнови. Денот меѓу народот е познат како Василица, празник што се одбележува на разни начини, во зависност со традициите во разни региони во државата.
Според теолозите, токму во житието на Свети Василиј лежи и причината поради која на овој ден се дели лепче со паричка.
– Во времето кога Свети Василиј Велики станал архиепископ кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, Свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено – пишува во житието за Свети Василиј.
За спомен на овој настан и денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Нова година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка во него.