Фото: Маја Јаневска-Илиева

Собранието на Република Македонија е предлагач и носител на кампањата за референдумот што ќе се одржи на 30 септември. По тој повод разговаравме со претседателот на Собранието, Талат Џафери, за редица прашања и теми поврзани со референдумот и со актуелните политички случувања

Интервју со Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија

Како го оценувате текот на кампањата и зошто се добива впечаток дека наместо пратениците кампањата ја водат претставниците на Владата?

Собранието е овластен предлагач и носител на кампањата. Но, како што знаете, направена е кампања „За“ па во тој контекст, сите што би сакале да учествуваат се приклучиле кон овластениот предлагач и ја водат таа кампања. Дополнително, пратениците се директно вклучени во сите тие настани и организациски и со учеството на терен. Но работа на организација е дали ќе се обрати едниот, другиот или третиот претставник на коалицијата во смисла на она што е потребата за кампањата.
Значи законот не ја спречува можноста за други лица да се вклучат во кампањата, а впрочем затоа и е направена коалицијата за кампањата на Собранието и на другите институции што сакаат да се вклучат во процесот. Битно е што трошоците на тие институции не одат на товар на предлагачот за таквата вклученост и тие сами си ги сносат трошоците.

Наведете барем три најважни елементи зошто би гласале за или против, односно кои се добри или лоши точки од спогодбата со Грција?
Во оваа фаза јас не би започнал да толкувам или да коментирам или да преферирам делови од спогодбата со Грција, имајќи го предвид фактот што не можат да се согледуваат само делови од спогодбата туку таа треба да се гледа во целина. Бидејќи само како целина таа ги исполнува условите за прифатливост и во тој контекст претставниците на двете држави ја прифатија и ставија потпис на истата таа. Од друга страна, придобивката е во тоа што се овозможува со договорот да се тргне пречката што стоела на патот на државата цели три децении и да се отвори патот кон НАТО. Натаму, сметам дека спогодбата е прифатлива во целина и е решение од политички и безбедносен аспект што дава можност за соработка меѓу двете држави во сите сфери.

Референдумското прашање се состои во три дела. Колку е правно и политички коректно членството во ЕУ и во НАТО да се поврзува со спогодбата со Грција?
Членството околу НАТО и ЕУ е тесно поврзано со решавањето на спорот што Република Македонија го имаше три децении со Грција. При првиот обид и првата можност да станеме членка на НАТО во 2008 година се појави таа пречка и со ветото од страна на Грција не станавме членка на Алијансата, а со тоа фактички се укажа дека без да се надмине спорот ние не можеме да сметаме на членството во НАТО и во ЕУ. Имајќи ги предвид стратегиските определби на РМ искажани јасно во сите досегашни и актуелни парламентарни состави, како и во она што е испишано во сите програми на политичките партии во земјата заедно со фактот за високата поддршка на граѓаните за оваа цел, која патем никогаш не била пониска од 70 проценти на анкетите, логично е да се разбере зошто оваа пречка мора да биде надмината и зошто патот на државата во овој правец треба да биде отворен. Токму затоа кога ќе се сумираат сите овие работи ќе се разбере зошто референдумското прашање за договорот со Грција е условно и последично тесно поврзано со членството на земјата во ЕУ и во НАТО. Со прифаќањето на спогодбата со Грција ние практично јасно искажуваме став дека сме за членство во ЕУ и во НАТО.

Дали посетите на високите претставници на меѓународната заедница влијаат врз ставот на граѓаните и дали е тоа можеби мешање во внатрешните работи на РМ?
Ставот дали некој можеби се меша во внатрешните работи на РМ е најлошата работа, односно коментар што може да биде поставен во овие моменти кога практично се одвиваат клучни процеси за зачленување на државата во ЕУ и во НАТО. Не може некој да говори за мешање во внатрешните работи или дека некој нам ни врши притисок ако претходно три децении истите тие центри биле перципирани како центри за соработка и од нив сме барале поддршка за членство во меѓународни институции. Не може од една страна стратегиски партнер на Македонија да биде САД, а од друга страна да се смета дека нивните државници ни вршат притисок. Понатаму, не може ЕУ да ни е стратегиски партнер од една страна, а од друга посетата на комесарот за проширување да ја гледаме како можност за вршење притисок.
Во суштина сите овие државници и претставници на меѓународни институции, кои беа во земјата овој период па дури и оние што немаа можност поради краткиот временски период да пристигнат тука, а кои нѐ поддржуваат овие три децении, вложија многу во земјата како финансии така и политички, и со нивен ангажман тие ни помогнаа во реализација на нашата стратегиска определба, а таа е да станеме членка на ЕУ и на НАТО. Јас лично сметам дека граѓаните сето тоа јасно го разбираат и тие добро ја сфаќаат сета оваа загриженост на меѓународната заедница во однос на потребата, но и нашето барање да бидеме членки на ЕУ и на НАТО.

Факт е дека по референдумот на 30 септември жешкиот костен на политиката ќе се префрли во парламентот. Како го прогнозирате вие идниот развој на овие случувањата со оглед на фактот дека ќе се згусти распоредот сѐ да се спроведе до јануари, за во февруари Грција да ја ратификува спогодбата?
Јас имам став и велам дека во секој случај жешкиот костен не може да се префрли во Собранието бидејќи тој отсекогаш бил тука. Бидејќи Собранието како институција и други се носители на процедурите и на процесите за одлучувањето во земјата. Во тој правец ние во парламентот не чувствуваме дека нешто нам ќе ни се префрли тука, туку тоа е наша обврска како собрание да го истераме процесот докрај онака како што е предвидено според процедурите. По завршувањето на референдумот доколку се влезе во наредната фаза, за уставни измени има стриктно пропишани процедури и рокови што предвидуваат кој чекор и во кој временски рок може да се води секоја постапка и ние и да сакаме не можеме да излеземе надвор од таа пропишана рамка. Во секој случај сите што резонираме за односот и за потребата на граѓаните на државата можеме да заклучиме дека формално има време до крајот на годината да се завршат сите неопходни процедури и постапки. Но ние како собрание поучени од претходно искуство имаме и резервно време во смисла на тоа да дадеме решение за предвидувањата, кои велат дека може дебатата да оди докрај и во крајните граници и рокови. Ние ги пресметавме овие ситуации и мислиме дека кон половината на јануари може да се стигне и да се заврши и со наредната фаза од овој процес.

Дали вие сте запознаени со содржината на идните измените во Уставот за да се спроведе спогодбата?
Видете и ова прашање е дел од контрапропагандата, односно од негативната конотација на случувањата во смисла на тоа дека нацрт-амандманите веќе се направени во Атина па донесени во Скопје, натаму дека тоа се готови работи за кои ние овде само формално ќе треба да се изјасниме. Мислам овие нелогичности се само дел од активностите на корпусот што во земјава ја спроведува негативна пропаганда против референдумот. Оваа негативна кампања шири дезинформации меѓу луѓето дека сѐ е готово и сѐ е спроведено и ги наведуваат граѓаните во погрешна насока за ова случување. Значи нема однапред никакви можности да се постави каква било однапред замислена работа и со тоа да се заобиколи сѐ во институциите за што постојат строги и стриктни пропишани правила, норми и процедури. Односно не може да има нацрт-амандмани ако нема одлука за пристапување кон измените на Уставот од кои, пак, потоа од Собранието се поднесува заклучок со кој, пак, се обврзува Владата да го поднесе нацрт-амандманот за таа проблематика. Тоа се поврзани работи што не можат да се случат одвоено.


Нема да се повторат немилите настани од претходно

Постојат ли одредени ризици во иднина поврзани со изгласувањето на амандманите, имајќи на ум дека во минатото парламентот беше во центарот на превирањата за време на политичката криза?

Ризик од таква природа како таа претходно не може да има. Тоа го тврдам затоа што сега стриктно се спроведуваат правилата на функционирање на институцијата парламент. Од друга страна, инфраструктурата институционално сега е поставена поинаку во смисла на одговорноста што се однесува за одговорноста на лицата надвор од Собранието. Ако нешто се случи внатре во Собранието, како што се случи претходно, сега ќе се знае чија е и кој ја сноси одговорноста за тој чин. Јас како претседател на оваа институција барем за онаа структура што е внатре во оваа институција, без разлика дали станува збор за составот на собранието или за составот на обезбедувањето гарантирам дека не може да ни се случи повторување на немилите настани од претходно.

Фото: Маја Јаневска-Илиева