Во рамките на албанското Претседателство на ОБСЕ за 2020 година, денеска во Скопје беше организирана конференција „Превентивни мерки и спроведување на законот: градење отпорност кон корупција во Југоисточна Европа“.
Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, изрази благодарност за долгогодишната плодна соработка со ОБСЕ и нејзината Мисија во Скопје, за вредната поддршка и помош понудена со цел да им помогне на националните напори за зајакнување на меѓуетничките односи, владеење на правото, судството, изборното законодавство, полициските реформи и процесот на децентрализација.
– Ова е важно не само за процесот на интеграција во ЕУ, туку пред сè и за граѓаните на нашата земја, нејзината стабилност и просперитет – истакна Жерновски.
Зборувајќи на темата и осврнувајќи се на национални напори за спречување и борба против корупцијата, нагласи дека оваа Влада вложи многу напори за враќање на владеењето на правото, враќање на демократијата преку подобрување на човековите права, борба против дискриминација, подобрување на социјалната кохезија, создавање подобри услови за слободно изразување и слободен печат, преку проширување на просторот за граѓанското општество и повторно воспоставување демократска контрола врз безбедносните служби.
Жерновски информираше дека вчера вечерта, Владата го усвои Предлог законот за јавно обвинителство за којшто е постигнат широк политички договор. При тоа истакна дека усвојувањето на овој закон ќе биде голем придонес за нашата европска интеграција и уште еден дополнителен аргумент за Европската унија да донесе позитивна одлука поврзана со започнувањето на пристапните преговори со нашата земја.
– Особено важно за сите наши граѓани е што Законот ги предвидува потребните услови за владеење на правото во нашата земја и креира атмосфера за враќање на довербата на јавноста во правната држава – заклучи Жерновски.