Фото: Игор Бансколиев

Железничките станици во Македонија се дел од железничката инфраструктура и сите се изградени пред повеќе од 50 години, од кои некои се целосно руинирани, а некои речиси и пред распаѓање. Со средства од ЕУ досега се реконструирани некои од нив по должината на коридорите 10, а се планира обновувањето на железничките станици да продолжи откако „Железници транспорт“ АД Скопје ќе добие средства преку програмата ИПА 3 за реконструкција уште на девет железнички станици во следните неколку години

Некои од постојните објекти на железнички станици се целосно руинирани, а некои речиси и пред распаѓање, препуштени на забот на времето и без услови за патниците. До објектите на некои од железничките станици нема никакви патокази, ниту пак осветлување, а уште помалку поврзување со автобуска врска. Железничката станица Скопје – Север, која е близу новоизградениот булевар Босна и Херцеговина, поврзана е со автобуските градски линии со броевите 9 и 35, но покрај тоа што е запуштен објектот, околу него има и многу ѓубре. Подземниот премин на станицата, кој треба да биде врска на патниците од чекалницата до перонот, повеќе години е затворен и затрупан со ѓубре. Во незавидна состојба се и објектите на скопските станици во Маџари и во Ѓорче Петров. Вакви стари објекти имаа и станиците на повеќе рурални места и градови во земјава, а некои од нив се обновени и добија сосем нов лик. Така, наспроти овие руинирани објекти во Скопје, навистина изгледа убаво станицата во населеното место Богомила, која има и обновен перон, како и оние во Чашка и во Градско. Освен реконструкција на железничките станици, како дел од инфраструктурата на ЈП „Македонски железници“ веројатно ќе биде потребно да се набават и повеќе вагони и локомотиви.
– Со средства од ЕУ досега преку Министерството за транспорт и врски се реконструирани железничките станици на Коридорот 10 и 10Д, и тоа: во Табановце Скопје, Велес, Градско, Неготино Демир Капија и Гевгелија, како и во Чашка, Богомила, Прилеп и Битола. Во однос на бизнис-сегментацијата на „Железници транспорт“ АД Скопје, Владата го прифати завршниот извештај подготвен од консултантите што работеа на бизнис-сегментацијата. Во овој момент нема одлука по каков модел би се реструктурирало јавното претпријатие – велат од Министерството за транспорт и врски.

Од август 2007 година во Македонија оперираат две железнички претпријатија, „Железници транспорт“ АД Скопје (одговорно за превозот на стока и патници) и ЈП „Железници инфраструктура“ (одговорно за регулирање на железничкиот сообраќај, одржување на пругата и сите објекти покрај пругата, тоалетите, чекалниците итн. Железничките станици во Македонија се дел од железничката инфраструктура и сите се изградени пред повеќе од 50 години.
Последниве години има тенденција за обнова и реконструкција на станичните згради, бидејќи на повеќето од нив тоа им е потребно. Затоа со финансиски средства од програмата ИПА 1 се реконструираа 10 железнички станици по должината на Коридорот 10 (Табановци, Велес, Градско, Неготино, Демир Капија и Гевгелија во тек) и Коридорот 10Д (Чашка, Богомила, Прилеп и Битола), како и скопската железничка станица, која не беше реновирана уште од нејзиното пуштање во работа во 1981 година. Реконструкцијата подразбираше целосна обнова на покривот, дрвенаријата, санитарните јазли, водоводната и струјната инсталација и фасадата, како и пристапот до колосеците и пероните, греење и ладење во согласност со правилата за енергетска ефикасност, но главна цел беше приспособување на објектот и пристапните перони за користење на лица со посебни потреби и инвалидизирани лица.

ЈП „ЖРСМ инфраструктура“ собра сили и со сопствени средства минатата година изврши реконструкција и на железничката станица во Тетово. Трендот треба да продолжи и понатаму и затоа имаме аплицирано за добивање финансиски средства преку програмата ИПА 3 за реконструкција уште на девет железнички станици во следните неколку години – информираат од „Железници транспорт“ АД Скопје.
Оттаму појаснуваат дека железничките станици и пероните ги одржуваат сами, но поради недостиг од работна сила се свесни дека тоа е на основно ниво. Затоа велат дека оваа година преку тендерска постапка ангажирале фирма што ќе се грижи за чистење на железничките станици, која започнала со работа овој месец, за да се подобрат условите за патниците што го користат возот како превозно средство.


Вагони постари од три децении

„ЖРСМ транспорт“ АД Скопје располага со дизел и електролокомотиви, како и електромоторни и дизел-моторни гарнитури од различен тип. Истото тоа се однесува и за вагоните што се за превоз на патници и стока. Но многу од нив се мошне стари.
Просечната старост на возните средства е 36,44 години, додека на вагоните е 35 години просечна старост, на патничките вагони е 30,31 години просечна старост за товарните вагони.
Од вкупниот број возни средства, во сообраќај се употребуваат 50,9 отсто и 23,4 отсто од патничките вагони и 40,03 отсто од товарните вагони. „ЖРСМ транспорт“ АД Скопје располага со доволни количества резервни делови за релевантните компоненти како за старите така и за поновите возни и возени средства.
Според информациите добиени од Владата, таа го прифатила извештајот од консултантот за преструктурирање на „ЖРСМ транспорт“ АД Скопје.
Сѐ уште не е избран моделот по кој би се извршило преструктурирањето и би се подготвила инвестициска програма за обновување на возниот парк – велат од кабинетот на генералниот директор на „ЖРСМ транспорт“ АД Скопје.