МИНИ-АНКЕТА НА „НОВА МАКЕДОНИЈА“

И познатите личности, секој од свој аспект, од своите професионални или лични перспективи, имаат очекувања, надежи, желби и стравови за 2021 година. Заедничка желба за сите е оваа пандемија што побрзо да замине. Во продолжение ги пренесуваме мислењата што за „Нова Македонија“ ги дадоа дел од познатите личности.

Лилјана Поповска – зелена активистка и поранешна пратеничка
Ни требаат правда и здрава животна средина

Посакувам прво здравје за најблиските и за сите во светот, да го победиме вирусов. Посакувам да си ја средиме Македонија, да си подадеме раце и да ги надминеме поделбите зашто немаме вишок луѓе и да се вгради сиот потенцијал и љубов што го имаме за неа. Ни требаат правда и здрава животна средина за да имаме здрави и горди генерации. Треба да работиме со ентузијазам независно дали ќе се отворат вратите на ЕУ. Сѐ што можело досега е направено, да не чекаме туку да работиме за доброто на земјата, за доброто на сите нас.

Бубо Каров – уметник и комичар
И доцна е подобро од никогаш

Желби, очекувања, надеж… можеме да ги третираме како поединечни, ама и како една заедничка категорија, бидејќи крајниот резултат би требало да е ист – остарување. И кој и да ја направи оваа градација, тоа сигурно го сторил со добра намера, за разочарувањето да биде помало во случај да не дојде до реализација на посакуваното, а наедно да се активира утехата, како фактор за евентуално нов обид. Ако ова не ви звучи убедливо, еве, поконкретно: ако желбите не ти се остварат, нормално е да имаш очекувања за реализација на одредени посакувања, а ако и тоа не бидува, имаш право да се надеваш дека еден убав ден, можеби два-три дена подоцна и твоите желби и очекувања ќе станат реалност. Јас овие три посебни категории, веројатно, од скромност и обид да не манифестирам алчност, ги претворам во само една желба: сѐ што е поврзано со очекувањата и дома и на глобален план да не остане „пуста надеж“ за човештвото, а особено за нас Македонците. Арно ама, денешницава се сврте наопаку и неочекувано и крајно изненадувачки станавме и сѐ уште сме жалосни на две страшни и тешки болести. И многу се плашам дека сѐ уште не ја разбравме пораката од првата болест, најголемата светска катастрофа – ковид-19, и не се вразумивме и не станавме поодговорни, а камоли да се солидаризираме или обединиме во обидите да ја совладаме страшната болест. Втората уште пострашна и, за жал, очекувана (барем за мене) и да бев некој невоспитан простак сигурно сега ќе напишев дека се плашам да не нѐ префати и оваа другава тешка болест што е за светот непозната, а нас во бранови низ вековите нѐ напаѓа откај Бугарија. Тоа е автономна болест од која не се умира, ама не се ни лекува, а се вика „хроничен опсесивен идиотизам“, ама не сум таков и нема да бидам и ќе бидам упорен, ќе имам желби, очекувања и надеж, бидејќи „и доцна е подобро од никогаш“.

Александар Митевски – пејач
Што помалку политика и недоразбирања

Мислам дека главната моја желба е истата онаа со која е затрупан мејлот на Дедо Мраз годинава. Тоа е: да си замине веднаш пандемијата и светот да се врати повторно во нормала. Поминавме тешка цела година и здравјето за сите ми е приоритетна желба. Посакувам добро здравје, љубов и разбирање во срцата на сите, што помалку политика и недоразбирања внатре и надвор. Посакувам да ја имаме повторно таа енергија со Дац за да можеме во нормални услови да се дружиме со луѓето што ги веселевме онлајн целиот карантински и посткарантински период. Да го завршиме проектот „Љубовен пасош“, со кој ќе го поврзуваме регионот преку песна и музика. Посакувам и верувам дека треба да се врати зближувањето на луѓето што се отуѓени веќе цела година. Конечно, 2021 г. да донесе среќа и насмевки на лицата на сите. За сѐ друго самите ќе се потрудиме.

Ирена Спировска – ТВ-водителка
Многу повеќе насмеани
наместо загрижени лица

Минатава година беше стресна и неизвесна за сите нас поради актуелната ковид-пандемија, ни одзеде многу среќни моменти, опуштени средби, дружби и патувања, на многумина, за жал, им одзеде засекогаш и блиски луѓе. Мислам дека 2021 година повеќе од кога и да е сите ја очекуваме со една иста желба да заврши оваа пандемија, да ги гледаме нашите најблиски среќни и здрави, да гледаме многу повеќе насмеани наместо загрижени лица околу нас, да можеме да ги прегрнеме луѓето што ги сакаме без страв дека со тоа може да им наштетиме, да му се радуваме на животот без ограничувања и стеги. Почетокот на секоја нова година обично го доживуваме како почеток на нови убави поглавја од нашите животи, но, за жал, календарскиот преод од една во друга година не значи дека сѐ што било лошо од претходната година ќе остане во минатото, па оттука, освен со многу надеж 2021 година ја дочекувам и со страв дека проблемите од претходната ќе ги наследиме и во новата година и дека можеби со месеци ќе мораме да се бориме со истите предизвици и проблеми со кои се соочивме во 2020-та. Затоа на сите ќе им посакам пред сѐ добро здравје, но и многу сила, трпение, флексибилност и истрајност во новата година.

Антонија Ристовска – модна дизајнерка
Да ни се врати слободата на живеење

Сега веќе желбата да сме живи и здрави и не ми звучи како клише, судејќи по годината што завршува. Тоа ми е најважно за моите најблиски, за мене, за моите пријатели и за сите други луѓе. Желба ми е да си се видам со моите драги луѓе и да ги гушнам. Желба ми е да ни се врати слободата на живеење. И покрај сѐ, да остане ведрината на умот како особина што ќе ја негуваме, бидејќи ведрината нѐ усреќува и ни помага да ја задржиме надежта за подобро утре. Ме држи оптимистички дух и се надевам дека во 2021 година полека работите и животот ќе се враќаат во своите текови, ќе продолжат веселбите и убавите прослави. Верувам дека тоа најмногу им недостига на младите девојки што сакаат да си ја направат својата бајка од соништата, а ние сме тука да им помогнеме да го одберат најубавиот фустан. Ако нешто ме плаши во 2021 г., тоа е само да не биде полоша од 2020-та.

Даница Павловска – архитектка
Квалитетен исчекор во нашите животи

Во настанатата комплексна и деликатна ситуација полна со неизвесности, неблагодарно е да се даваат проекции и визии за важни сегменти на живеењето како што се архитектурата и урбанизмот. Но ако сме судбински „забодени“ во ова чудно време, секој од нас со сиот свој капацитет треба да дејствува, почнувајќи од својот микрокосмос и својата интима, па до својата општественост. Сведоци сме на повеќе штетни одлуки во доменот на државните и локални урбани политики, како на пример во случајот со „мораториумот на плановите“ во Општина Центар. Уставниот суд уште еднаш ги изневери очекувањата на граѓаните со крутиот стерилен став на правната логика поттикнувајќи дејствување според лоши и неквалитетни урбанистички планови. Значи, борбата на граѓанскиот сектор, професионалната фела, локалната управа и на сите разумни политички фактори треба и ќе продолжи. Во еден рационален и разумен период, плановите мора да бидат ревидирани во интерес на сите, избалансирано со јасна приоритетност на јавниот интерес особено поради спецификата на наследените состојби. Уште еден особено важен момент врзан за професијата архитект е: неуредениот правен статус на авторството што е недозволиво да продолжи и во оваа 2021 година, која ќе биде секако временско и квалитативно поместување во нашите животи. С.К.