Фото: Архива

Два феномена од првиот круг на локалните избори паѓаат во очи и се особено интересни за анализа. Тоа се релативно малиот одзив во споредба со претходните изборни циклуси и рекордниот број неважечки ливчиња, за разлика од претходно. Каков индикатор се ваквите појави и која е пораката што се праќа до политичарите, еднакво и до власта и до опозицијата

Дали првиот круг на локалните избори покажа дека македонското општество е западнато во летаргија, која од еден во друг изборен циклус станува сè поизразена и која води кон понатамошна индиферентност на граѓаните за севкупните процеси во државата, вклучувајќи ги и изборите, како највисок демократски чин и израз на народната волја. Два феномена од првиот круг на локалните избори паѓаат во очи и се особено интересни за анализа. Тоа се релативно малиот одзив во споредба со претходните изборни циклуси и рекордниот број неважечки ливчиња.
Повеќе од 60 илјади неважечки ливчиња и под 50 отсто одзив на граѓаните од вкупниот број заведени во единствениот избирачки список се своевиден индикатор и аларм за политичките субјекти во земјава дека граѓаните не се задоволни од правецот по кој се движи државата изминатите 30 години и начинот на кој тие управуваат со неа. Притоа, ваквата порака од граѓаните се однесува еднакво и на власта и на опозицијата.
Токму неважечките ливчиња и малиот одзив се всушност еден заеднички индикатор дека по секои избори во земјава не се слуша и не се валоризира гласот на голем број граѓани, кои остануваат настрана Или можеби токму нивниот однос најсилно одекнува како громогласно предупредување за состојбите и условите во државата и односот на политичарите кон сето тоа.
Во моментот, изборите во најголем дел се сведуваат само на гласање на партиското членство, што, секако, не оди во прилог на демократските процеси во општеството.
Овие опаѓачки трендови кај нас се присутни на секои избори.
Социологот Илија Ацевски причините за феноменот на малата заинтересираност за гласање, како и големиот број неважечки ливчиња ги лоцира исклучиво во незадоволството и револтот кај граѓаните од сето она што го видоа од партиите изминатите три децении.
– Тоа е протест. Тоа говори до кој степен е дојдена македонската демократија. Добар дел луѓе повеќе не веруваат во овие елити што се борат за власт, бидејќи многу се искомпромитирани. Демократијата во Македонија сè уште е во зачеток и треба да помине многу време за да се сфати дека оној што се бори за власт, мора да има елементарно, морално, вредносно чувство за државата, за граѓаните и за општото добро. Ако тој го нема тоа, како ќе верува народот дека оној што се бори за власт му мисли добро на обичниот човек – посочува Ацевски.
Според него, граѓаните препознале дека сите политичари се исти и затоа го губат интересот за гласање.
– Во оној момент кога не се почитуваат законите, кога политичарите играат улоги на луѓе што се само борци за да дојдат на власт и да земат дел од она што му припаѓа на народот, тогаш настанува разочарувањето. Тогаш луѓето или нема да излезат, или ако излезат, ќе го пречкртаат ливчето. Тоа е револт од овие состојби, бидејќи граѓаните увидоа дека сите политичари се исти и затоа им опаѓа интересот за секои избори – заклучува Ацевски.

И аналитичарот Синиша Пекевски во целата ситуација препознава незадоволство кај граѓаните, кое продолжува да се продлабочува.
– Малиот одзив и толкавиот број неважечки ливчиња се индикатор за разочараноста на граѓаните. Тие на тој начин го искажуваат својот револт и го пречкртуваат ливчето или воопшто не излегуваат да гласаат – истакнува Пекевски.
Тој смета дека во најголем број станува збор за неопределените гласачи, кои биле разочарани и од едната и од другата политичка понуда, па сега не сакаат за никого да го дадат својот глас.
– Оваа бројка од избори во избори сè повеќе се зголемува, затоа што луѓето сè повеќе се разочаруваат. Веруваа дека со секоја нова гарнитура што се појавуваше изминативе години ќе се појави некоја нова енергија, но кога сфатија дека таа енергија е тотално лажна, се разочараа и ефектите од таа разочараност ги гледаме сега. Изгубивме 10 отсто од гласачкото тело што е разочарано од понудата – заклучува Пекевски.


Опаѓачки тренд од драматични размери

Трендот со зголемен број неважечки ливчиња и со намалување на одзивот на локалните избори е драматичен и е евидентен со секој изборен циклус.
Имено, според податоците на ДИК, вкупно 60.773 неважечки ливчиња се регистрирани во првиот круг од гласањето за градоначалници на 80 општини, вклучувајќи го и гласањето за градоначалник на Скопје на овие избори.
Оваа бројка во првиот круг од локалните избори во 2017 година изнесуваше 44.481 неважечко ливче, а на изборите во 2013 година имало 38.787 неважечки ливчиња.
Зголемувањето на бројот на неважечки ливчиња го следи тренд на намалување на одзивот на граѓаните, па, така, во првиот круг на овие избори одзивот изнесувал 48,99 отсто од вкупно запишаните 1.824.864 гласачи во единствениот избирачки список.
Во 2017 година во првиот круг од локалните избори одзивот изнесувал 59,51 отсто, додека на локалните избори во 2013 година процентот на одзивот бил 64,81 отсто.