Во денешнава колумна ќе пишувам за два термина: „ефектот на пеперутката“ и „нарцизмот на малите разлики“, кои во суштина означуваат сличен ефект – малите разлики во појавите, уредувањето, настаните, особините можат да предизвикаат идните појави, настани да дивергираат, да се оддалечуваат. Но пред да зборувам за термините, ќе започнам со краток опис на научнофантастичниот расказ „Звукот на громот“ од Реј Бредбери (објавен за првпат во 1952 година), во кој авторот ја разработува идејата дека мали (навидум безначајни) настани може да имаат далекосежни последици во иднината.
Во расказот, авторот нѐ префрла во 2055 година. Тогаш патувањето во времето станува практична реалност, а некоја компанија им нуди на богатите авантуристи шанса да патуваат назад во времето, за да ловат изумрени видови (на пример, диносауруси). Меѓутоа, патувањето во минатото може да има катастрофални промени за иднината, а ловците кога ќе се вратат во денешницата, по патувањето, таа да биде сосема различна. Од тие причини, за отстрел се избираат само оние животни што се пред смрт (и би умреле за неколку минути подоцна дури и ако не се предмет на убивање) и чија смрт има минимален ефект за иднината. Додека се подготвуваат за патувањето, ловците разговараат за неодамнешните претседателски избори и сите се среќни дека полошиот кандидат е поразен од неговиот противкандидат. За време на ловењето, во минатото, пред 66 милиони години, за жал, се случуваат немили настани. По враќањето во 2055 година, учесниците во патувањето во минатото забележуваат суптилни промени: зборовите на англиски сега се пишуваат и изговараат поинаку, луѓето се однесуваат различно, а избран е полошиот претседателски кандидат.
Гледајќи во калта на неговите чизми, главниот јунак на расказот наоѓа смачкана пеперутка, чија смрт очигледно предизвикува процеп во временскиот тек што влијаело врз сегашноста по враќањето од патувањето во минатото. Така, според расказот, мала и на прв поглед ирелевантна, па дури и безначајна од историска перспектива промена во минатото – смртта на пеперутката, може да има далекосежни последици и да ја смени историската траекторија/патека и иднината да биде различна. Во меѓувреме, расказот стана филм со ист наслов, а неговото влијание се прошири и во филмовите „Терминатор“, „Враќање во иднината“ и „Икс-луѓе: денови на идното минато“.
Во природните науки, особено во физиката, почнувајќи од крајот на 19 век, во работите на Анри Поенкаре, но особено втората половина на 20 век изобилуваше со примери, теориски објаснувања и експериментални потврди дека малите разлики во почетните услови и/или параметрите на моделите што ги опишуваат физичките појави можат да предизвикаат големи ефекти во идните однесувања на системите. Повторно пеперутката стана централна метафора за објаснување на овој ефект, па, така, на многу места ќе прочитате дека мавтањето на крилјата на пеперутка во Бразил предизвикува торнадо во Тексас. Последиците на овој пристап, инаку познат како теорија на детерминистички хаос, за разбирање на физичкиот свет/универзум во којшто живееме се круцијални. Имено, стана јасно дека во физичкиот свет постојат детерминистички системи, коишто не се разликуваат од случајните системи, па, така, и едните и другите имаат ограничена способност да предвидуваат.
Но не само во природните науки туку и во општествените и хуманистичките науки малите разлики можат да бидат важни, битни.
На пример, Ачемоглу и Робинсон во книгата „Зошто нациите пропаѓаат: потеклото на моќта, просперитетот и сиромаштијата“, првпат објавена во 2012 година, ги поставуваат прашањата што со векови се обидувале да ги одговорат мислителите, економисти и филозофи: Од каде потекнува светската нееднаквост? Зошто светското богатство е толку нерамномерно распоредено низ земјите и регионите во светот? Одговорот на овие прашања авторите го наоѓаат анализирајќи три дисциплини: историја, политичка наука и економија, со вклучување невообичаено обемен историски материјал од сите епохи и од сите континенти, што ја прави книгата бестселер и ја претвори во вистинска енциклопедија на напредна политичка и економска мисла. Според авторите, малите разлики во политичките институции во земјите на Европа во 14 век, по доаѓањето на чумата во 1346 година во Европа, предизвикаа големи ефекти неколку века подоцна: колапс на феудалниот систем, индустриската револуција, создавање институции што креираат различни стимулации за работа и иновации итн., што предизвика нерамномерна распределба на богатството во земјите на Европа.
Вториот термин за кој ќе пишувам денес е концептот/терминот „нарцизмот на малите разлики“, воведен од Фројд, во 1917 година, во есејот „Табу на невиноста“. Иако Фројд го применил терминот и за индивидуалната психологија и за неговата филозофија на културата, тој бил во голема мера игнориран од психотерапевтите, но во последните децении, сепак, тој беше повторно откриен од општествени научници за да понуди објаснување, во некои случаи, за колективното, а не само и на индивидуалното насилство. Според Фројд, „секој поединец е одделен од другите со ‘табу на лична изолација’ и токму малите разлики кај луѓето, кои инаку се слични, формираат основа за нивните меѓусебни необични и непријателски чувства“. Подоцна во две други дела, „Во психологија на групата и анализа на егото“ (1921 г.) и „Неугодното во цивилизацијата“ (1930 г.), Фројд го развил овој концепт понатаму.
Така, во книгата „Неугодното во цивилизацијата“, Фројд ќе напише: „Токму заедниците што имаат соседни територии, и се поврзани едни со други, се ангажирани во постојани расправии и се исмејуваат едни со други – како Шпанците и Португалците, Северните Германци и Јужните Германци, Англичаните и Шкотите и така натаму. Овој феномен го нареков ‘нарцизмот на малите разлики’ … Сега можеме да видиме дека тоа е погодно и релативно безопасно задоволување на наклонетоста кон агресијата, со што се олеснува кохезијата меѓу членовите на заедницата“.
Во колумнава видовме дека малите разлики во настаните, појавите, особините и моделите во сегашноста може да предизвикаат различни идни настани, однесувања, појави. Така, малите, на прв поглед дури и безначајни, настани и појави се важни и може да го сменат текот на настаните. Како и во расказот на Бредбери, со кој ја почнав колумнава, да се префрлиме, но не во 2055 година, туку, неколку години порано, во 2051 година. Замислувам дека тогаш Република Македонија е просперитетна држава, придавката северна е исчезната од употреба и се заборавени сите понижувања со кои се соочени денес поголем дел од нејзините жители. Ги гледам сите мали промени што во последните две-три години се случуваат во Македонија и кои, во тоа сум убеден, ќе доведат на 8 септември 2051 година да се прослави шеесетгодишнината од независноста на Република Македонија, а ова што денес се случува ќе отиде во заборав засекогаш. Што мислите, кои настани и промени се тие?