Европскиот портал Еурактив, повикувајќи се на извори во Грција, јавува дека јужниот сосед цели кон ратификација на пристапниот протокол за НАТО на 8 февруари.
Грција треба да биде првата земја членка на Алијансата што ќе го ратификува членството на Македонија во НАТО, откако на 25 јануари го ратификуваше Преспанскиот договор.
– Грција сака да го ратификува пристапниот протокол на 8 февруари – велат грчки извори за Еуроактив. Информацијата не е потврдена официјално во Атина.
Пред два дена е дадена декларативна согласност од сите земји членки на НАТО за потпишување на овој протокол, но секоја земја членка треба да даде и формално одобрување за потпис на своите амбасадори во седиштето на НАТО. Голем број од нив веќе го добија зеленото светло, но кај други процедурите се покомплексни. Во секој случај, политички проблеми не се очекуваат и до следната недела сите 29 земји би требало да добијат одобрување од домашните влади или парламенти.
Откако ќе биде потпишан протоколот Македонија ќе може да учествува како поканета земја или набљудувач во сите клучни формати на Алијансата.
Во меѓувреме ќе тече процесот на ратификација на членството на нашата земја од страна на 29-те парламенти на државите членки, процес кој е значајно подолг во некои земји, зависно од домашните процедури, како што е во Белгија или Канада.
Според повеќе дипломати во НАТО како и генералниот секретар Јенс Столтенберг, процедурата би траела околу една година, но Еурактив тврди дека доколку земјите сојузнички ги забрзаат процедурите не е исклучено Македонија да стане полноправна членка веќе во јули годинава, кога треба да се одржи и самитот на Алијансата, на кој ќе се одбележува и нејзиниот седумдесетти роденден.
Доколку Грција го ратификува прва пристапниот протокол, таа симболично би била земјата што ќе ги „отвори вратите на НАТО за Северна Македонија“, единаесет години откако го блокираше влезот на земјата под привремената референца ПЈРМ.